Ако самите не ги решаваме нашите проблеми, никој отстрана нема да ни ги реши

Автор: Бобан Илијевски 

Наместо да пишуваме статуси, да преземеме нешто – ова беше еден од коментарите на социјалните мрежи за мојата колумна за злоупотребата на трудот на работниците.

Да расчистам уште на почеток, ова не го пишувам бидејќи го „зедов на срце“ коментарот, туку едноставно само да го искажам мојот став токму по оваа сугестија, а и со оглед на тоа што верувам дека секој има право да го искаже својот став, бидејќи нели живееме во ера на демократија, така и јас можам да го искажам слободно моето мислење во однос на коментарот.

Како прво, моите писанија се колумни, а не статуси. Не дека има нешто лошо во тоа да се пишува статуси, но колумните се повеќе лични и затоа и ги пишувам.

Што се однесува до преземањето на нешто, јас уште од самиот почеток на мојата новинарска кариера работам на кревање на свеста за се што се однесува на работните односи. Затоа и ги пишувам овие колумни. Можеби сте забележале дека ретки се оние колумнисти коишто пишуваат на вакви теми, па можам да си земам за право да бидам малку нескромен и да кажам дека јас сум можеби единствениот којшто пишува за овие проблеми. Често знам и да повторувам некои работи, но сето тоа е дел од процесот.

Треба на сите да ни биде јасно како ден дека ако самите не преземеме нешто за да ги решиме нашите проблеми, било да се на работното место или во приватниот живот, никој нема да ни ги реши. Марк Мансон во книгата „Уметноста за тоа како да не ти е гајле“ пишува дека ниеден човек не е посебен бидејќи има проблеми, сите луѓе имаат проблеми. Оттаму, треба самите да бараат решенија.

Не можеме лежерно да седиме и да чекаме некој друг, којшто има свои проблеми, да дојде и да ги реши нашите. Тоа е невозможно.

Знам дека многумина од вас не веруваат во институциите и организациите за заштита на работничките права, но мора повеќе да ги споделувате проблемите со нив, за да ви помогнат да ги решите.

Јас навистина би сакал да имам моќ и да им помогнам на сите луѓе, но работите не одат така. Не само во Македонија, туку насекаде низ светот.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.