Вести

Просечниот работен ден минатата година траел 10 часа и 9 минути: Што ни кажува тоа?

„Работам за слободен викенд“ било мотото на многу вработени, меѓутоа со растот на отпуштањата, работењето во текот на сабота и недела станало вообичаено во некои сектори. И тоа најмногу по желба на работниците да се фокусираат на работата, ослободени од состаноците и другите пречки во текот на работната недела.

Просечниот број на работни часови преку викенд, минатата година од 5 пораснал на 6,6 %, покажува истражувањето на ActivTrak, кој анализирал речиси 175 милиони работни часа кај 134,260 анонимни корисници на својот софтвер за управување со продуктивноста ширум светот, пишува Bloomberg.

Технолошките и медиумските индустрии забележале раст од 25 % повеќе работни часови во 2022 година во споредба со претходната година.

„Повеќе компании работат со помалку работна сила. Најмногу за време на викенд се работи во индустрии кои се намалуваат“, рекла Габриела Мауч, потпретседателка на лабораторијата за продуктивност на ActivTrak.

„Луѓето повеќе се ориентираат кон флексибилноста, па поради тоа прифатливо им е да се одјават во 15 часот во петок и да работат преку викенд“, додава таа.

Не чуди тоа што токму технолошките работници биле едни од оние кои го зголемиле своето работно време за викенд за речиси двоцифрен процент во однос на периодот пред пандемијата, со оглед на тоа што досега се отпуштени повеќе од 122,000 работници од технолошките компании, покажуваат податоците на Laioffs.fii.

За потсетување, Маск рекол дека вработените треба да ја прифатат „хардкор“ културата на работење или да си заминат од компанијата.

Ист пораст на работата во текот на викендите бележат и вработените во медиумските куќи, како и оние кои работат со роба за широка потрошувачка.

Од друга страна, вработените во секторите како енергетика, угостителството и здравствената заштита забележале пад во работењето за време на викенд.

Извештајот на ActivTrak покажува и дека минатата година, просечниот работен ден, траел 10 часа и 9 минути, додека вработените биле попродуктивни и пофокусирани во првата половина од годината, а вторник бил најпродуктивен ден.

„Секоја култура е различна. Во една организација, седум часа работа се доволни, во други 12“, рекла Мауч.

(Telegraf Biznis)

Фото: Pexels