ПравдаСветот на работникот

Ако функционираме вака никогаш нема да се донесе Законот за работни односи

   Време за читање 2 минути

Нема абер од новиот Закон за работни односи со кој Владата четири години се фали дека ќе ги модернизира работните односи во Македонија.

Пред неколку дена редакцијата на порталот Работник испрати прашања до Министерството за труд и социјална политика во однос на тоа до каде е Законот, но не добивме одговор.

Решивме и да ги прашаме социјалните партнери, кои директно учествуваат во креирањето на овој Закон.

Во кратка изјава за Работник, Претседателот на Собранието на Организацијата на Работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, рече дека согласно неговите информации и дискусијата на Економско – социјалниот совет, овој Закон нема да се донесе до крајот на мандатот на оваа Влада.

„Веројатно новата Влада по изборите, ако одлучи да работи на нов ЗРО ќе почне сѐ од почеток. Ова значи повторно преговори помеѓу социјалните партнери и сите заинтересирани страни“, рече Димитров.

Дел од синдикатите пак, сѐ уште се на ставот дека нема потреба од носење на нов Закон, објаснувајќи дека потребно е само да се измени важечкиот и во него да се додадат одредби кои произлегуваат од новите трендови на работните односи и да се направат неколку номотехнички поправки.

„Уште од самиот старт сме против носење на нов Закон. Овој што го имаме е добар, треба само да се направат малку измени, но што е уште поважно треба да се спроведува во целост“, истакнаа од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Ако се оствари ставот на Димитров, тогаш сигурно ќе чекаме уште пет или повеќе години за да се донесе нов Закон.

Инаку, со моменталниот нов Закон за работните односи се предвидуваат повеќе новини, меѓу кои намалување на времетраењето на договорите на определено време, зголемување на родителското отсуство од 9 на 12 месеци, дефинирање на работата од дома, можност за договор помеѓу работодавачот и работникот за максималното времетраење на годишниот одмор и друго.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *