Ампева за идејата за домашни брендови: На овој начин се заработува плата за живот

Текстилните компании го гледаат спасот во преструктурирање и создавање на свои брендови. На тој начин ќе можат да им дадат поголеми плати на вработените и евентуално да станат поинтересни за стручната работна сила. 

Бројот на вработени во преработувачката индустрија континуирано опаѓа поради, пред се поради ниските плати, па поради тоа, како што велат бизнисмените, потребно е текстилните фабрики да создадат свои брендови.

Претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров смета дека бројот на вработени во текстилната индустрија ќе продолжи да опаѓа. 

Според него, текстилните компании ќе мораат во предвид да го земат создавањето на свои брендови, кои ќе им овозможат поголема додадена вредност, заедно со средствата кои ќе ги добиваат од надвор.

Претседателката на здружението за заштита на работничките права “Гласен Текстилец”, коментирајќи го ова на социјалните мрежи, посочи дека конечно има резултат. 

Конечно, после толку години како збориме, еве има резултат. Тоа е иднината на текстилот – напиша Ампева на Фејсбук, додавајќи дека на тој начин се заработува плата за живот. 

Додаде дека младите ќе сакаат да бидат од овој сектор и дека како здружение се тука да помогнат, но под наведените услови. 

Апелира дека работите мора да ги земат во свои раце, бидејќи никој друг нема да ги земе.

Да си земеме работите во свои раце оти нема кој друг. Останатите, време е да останат во минатото со лон производството од 100 посто,  кое очигледно им е ок, со ниските плати и мизерни услови – стои во статусот на Ампева. 

Инаку, најголемиот дел од текстилните фабрики работат за странски брендови кои соработуваат со нив поради што во Македонија работната сила е поевтина од таа во ЕУ. Но, со оглед на тоа дека работите значајно се менуваат на пазарот на трудот и работниците повеќе не сакаат да работат за минимална плата, текстилниот сектор мора да најде решение за да остане конкурентен, но и да биде интересен за помладата работна сила. 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.