- Advertisement -
Интервјуа

Ампева: Комуникацијата со регионалниот државен инспекторат за труд е светла точка во овој период

Ампева: Работниците се пак оштетената страна - Работник
585views

За состојбата на тектилната индустрија и работниците коишто работат во истата, порталот Работник направи интевју со претседателката на граѓанското здружение на текстилни работници „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева.

Таа во интервјуто вели дека како Здружние се задоволни од соработката со државниот инспекторат за труд од источниот регион со кој се во постојана комуникација.

Целосното интервју прочитајте го во продолжение:

Работник: Како корона кризата се одразува врз тектилната индустрија досега?

Ампева: Генерално, ситуацијата особено не ја погоди текстилната индустрија, освен неколку фирми, кои прекинаа со производство и поделија откази на законски или незаконски начин. Иако бавно, сепак се преориентираа кон шиење на заштитна опрема која во најголем процент, оди во странските земји. Но она што е евидентирано, се колективни отпуштања во горенаведените случаи за кои сеуште сме во постапка, во април каснење на плата и исплата на пониска плата од минимална за вработените кои беа опфатени со времените мерки(хронично болни, бремени жени, родители-мајки на деца до 10 години).

Работник: Кој е вашиот став за досегашните мерките на Владата во однос на работниците од текстилната индустрија?

Ампева: Како и секогаш, искрено пристапуваме кон цела проблематика особено сега во време на оваа корона криза, се трудиме рационално да ги гледаме сите страни. Затоа морам да кажам дека ние барем, како организација, од првиот ден на воведување на мерките за спречување и ширење на Ковид-19, се трудевме да бидеме од корист и ги објасниме сите мерки со нормален речник за сите работници/чки да разберат. Се трудевме да бидеме 24/7 достапни да дообјасниме и помогнеме со совет во однос на изјави до работодавачи, потврди, ги следиме уредбите и ги пренесуваме и преку медиуми и преку нашите социјални мрежи. Генерално состојбата течеше во ред. Како и секаде низ светот, очекувано беше и нас да ни се случат откази, но не на начин каков бележиме дека се случија. Во цел тој хаос на следење на уредби, работа од дома, работа со инспекторат, почнаа да се случуваат некои уредби и толкувања кои не беа консултирани со никој од нас како организации или синдикати. Така онаа несреќна уредба на која реагиравме повеќе синдикати и организации, мислам дека беше пресудна за да бидеме сфатени сериозно и да не дозволиме штета на грбот на работниците/чките. Од тогаш,  веќе комуникацијата со сите оди во најдобар ред и сме  консултирани, особено за она што се случува на терен. Тоа го кажав и во една изјава, да не беа мерките, овој 1ви мај, работниците и работничките ќе не видеа многу организации и синдикати собрани на едно место. Знаеме и ние да реагираме и се сплотиме кога станува збор за работнички права особено во оваа криза.

Работник: Дали и колку пријави од страна на работниците добивте во последниот период за прекршување на нивните работнички права?

Ампева: Од дата базата на нашиот правен тим, заклучно до петок 08.05.2020, од нас се побарани помош и совети од работници/чки од 63 фирми од повеќе гранки, но сепак од приватен сектор. Бројката на опфатени вработени не е нешто што особено го бележиме, но непосредно, според фирмите, се неколку стотици вработени кои дали преку инспекциските надзори побарани од наша страна или со совети, се опфатени и сме дале правна помош.

Работник: Неодамна одржавте координација со Вицепремиерката за економски прашања. Што предложивте како граѓанска организација во однос на подобрувањето на правата на текстилните работници?

Ампева: Како што пишав и погоре, веќе имаме редовна комуникација со останати синдикати и граѓански организации, но и со Вицепремиерката за економски прашања и Министерстото за труд и социјална политика. Повеќе граѓански организации кои работат со ранлива категорија на граѓани и граѓанки се исто во комуникација и заедно ги оддржуваме состаноците. Претежно збориме за состојбите од терен, индивидуални случаи и толкување на уредби кои се донесени. На истите тие состаноци, вклучени се и други засегнати страни, како на пример директорот на Државен инспекторат за труд, каде разменуваме информации и преставки на кои се работи.

За жал или за среќа, како што и напоменав, за совети и пријави се обраќаат до нас и од останати сектори. Се трудиме, но сепак тешко оди да се одговори на сите поради малите човечки ресурси кои ги имаме, но тука ни се колегите од Хелсиншки комитет за човекови права. Инаку Гласен Текстилец како здружение, испрати барање и реакција во однос на уредбата со останати синдикати и организации каде имавме повеќе барања кои гледаме дека полека, полека се вметнуваат како препораки, променети уредби и слично. Барањата се јавно достапни на нашите страни, така да, можат да се видат измените кои ги направивме секако во дијалог со Владата. Очекуваме уште некои новини, но да оставиме неделава да видиме дали ќе се случи. Сепак моментално е најважно вработените да бидат безбедни, со редовна плата, да се исплаќа плата на оние кои оправдано се ослободени од работен ангажман, а оние кои останале без работа да се внесат во системот за да добијат помош од државата.

Работник: Како го оценувате функционирањето на Државниот инспекторат за труд во време на пандемија?

Ампева: За нашиот регионален источен инспекторат, морам да кажам дека сум изненадена и да бидам искрена, тоа ни е една од светлите точки во овој период. Комуникација секојдневна, не мораме на писмено да праќаме претставки, туку усно, го следиме секој еден случај, вративме луѓе на работа кои добија незаконски отказ, се исплаќа минимална за оние кои се дома, координирани сме и имаме размена на информации. Сето она за кое тежнеевме како здружение пред да настапи ситуацијата со вирусот, сега го имаме во однос на соработката со инспекторатот. Директорот на ДИТ е исто секогаш достапен, но сепак немаме многу искуства со останатите регионални единици. Со оглед на тоа дека 90 посто од пријавите ни се од сектор текстил, а источниот регион е регион каде е сконцентрирана текстилната индустрија, ваквата соработка е од големо значење!

Бобан Илијевски

Advertisement