МакедонијаСветот на работникот

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ИГРИТЕ НА СРЕЌА СЕ ЗАЛОЖНИЦИ НА РАЗНИ ПОЛИТИЧКИ СТРУКТУРИ Крстевски од Здружението „Сакам да работам“ предупреди на поигрување со нивните судбини

Дали сте свесни дека со евентуалното изгласување на ваков закон, директно придонесувате за нови 35.000 кандидати за иселување од Македонија, ги праша пратениците Стеван Крстевски од Здружението „Сакам да работам“.

Додека за Предлог законот за заштита од пушење имаше серија консултации на извршната власт со еснафските здруженија и претставниците од тутунската индустрија за Предлог законот за игри на среќа и забавни игри, извршната власт постапи обратно и буквално ги игнорира засегнатите страни, иако станува збор за економски сектор кој вкупно гледано е најголем приватен работодавец во Македонија, посочи Стеван Крстевски од Здружението „Сакам да работам“ на денешната јавна расправа во Собранието.

– Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека може да печалат гласови преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч, неизвесност, заедно со нашите семејства се тресеме дали ќе останеме на улица, со нецелосно исплатени кредити, со активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство – рече Крстевски.

Тој го прочита писмото кое Здружението „Сакам да работам“, на 20 мај 2026 година, го испрати до претседателот на македонската Влада, проф. д-р Христијан Мицкоски и во кое се изразува загриженост за егзистенцијата на вработените поради предвидувањето да се затворат речиси сите постоечки легални објекти за игри на среќа.

Ние не сме гости во сопствената држава. Албанските дипломирани правници бараат да полагаат правосуден испит на мајчиниот јазик, на највисоко ниво веднаш им се ветува решение. Ние испраќаме писма, протестираме, нема никаков ефект. Ни должите одговори, зошто игнорирате над 10.000 вработени во игрите на среќа? Дали причина за тоа е што 90 проценти од вработените сме Македонци кои можеби треба да станеме жртви на политичко-етнички инженеринг? До кога легалните игри на среќа и вработените ќе страдаат поради негативната кампања на дежурните критичари, кои никогаш нема да преземат одговорност кога ќе се отворат играчници на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел? – праша Крстевски.

Тој нагласи дека здружението е подготвено со сите демократски средства да го заштити уставно загарантираното право на работа.

– Надлежните кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа ни должат одговор каде ние да се вработиме, со поминати професионални обуки и работно искуство за приредување игри на среќа по највисоки светски и европски стандарди? Дали сте свесни дека со евентуалното изгласување на ваков закон, директно придонесувате за нови 35.000 кандидати за иселување од Македонија? – заклучи тој.