АНАЛИЗА: Инвеститорите ја “чекаат“ понудата на новата власт, јавните инвестиции под “лупа“ – следува Ребаланс на Буџетот
Во пресрет на најавениот ребаланс на Буџетот, прв со потпис на новата Влада, економистите оценуваат дека претстои период на неопходни промени, пишува Порталб.мк. Но, колку и како може да се прекрои буџетската каса, дали може да се крати од веќе дадени права, каде може да се заштеди?
Оценки на економистите
Со поголем буџетски дефицит, а помал економски раст во однос на планираното. Вака според дел од економистите ќе заврши оваа изборна економска година.
“2024 година е изборна година и заради изборниот резултат ќе биде година на промена на економските политики и се разбира промена на буџетски политики поради што и ребалансот на буџетот е очекувана работа. Очигледно е дека новата Влада ќе наследи тесен фискален простор и буџетски дефицит кој во годината на избори секогаш се ефектуира побрзо и полесно. И во претходните изборни години растот на БДП не бил за пофалба, со исклучок на 2006 и 2008, со раст од 5,1%, односно 5,5%. Просечниот раст на БДП во изборните години во последните три децении (1997 – 2024) не надминува 2%. Не гледаме причина зашто 2024 година би се разликувала од овој неславен просек“ – вели даночниот експерт, економистот Павле Гацов.
На новата Влада ќе и треба време за да почне да ја осмислува и реализира сопствената економска политика, во меѓувреме ургентно ќе мора да го ребалансира буџетот за да се истурка оваа година, вели професорот и еден од поранешните министри за финансии, Никола Поповски.
“Проекциите и економските предвидувања се најтешки во години, како оваа, кога на средина од годината има избори. На новата влада ќе и` треба време за да почни да ја осмислува и реализира сопствената економска политика. Во последниве години ние, како и светот во целина, се соочуваме со ниски стапки на раст, релативно висока инфлација, зголемени буџетски дефицити и мали изгледи за забрзување на растот во идниот период на среден рок. Се чини дека во економска смисла светот живее во години на празен од. Приватните инвеститори (домашни и странски) ќе сакаат да ја видат понудата на новата власт, а јавните инвестиции ќе се преиспитуваат и можеби пренасочуваат. Тоа внесува дополнителен вакуум простор во поттикот на економскиот раст. Ваквите претпоставки се тешки за да се постигне значителен економски раст. Предвидената стапка на раст од близу 4 отсто ќе треба да се редефинира и надолно да се усогласи со можностите. Идниот ребаланс е добра прилика за тоа“ – вели Поповски.
Заклучно со четвриот изборен месец, буџетските приходи се реализирани со стапка од 31,71% а расходите со 32,80%. Буџетскиот дефицит за четири месеци во однос на планот за целата година изнесува 42,96%. Токму “дупката“ во државната каса годинава ќе биде најважно буџетско прашање.
“Дефицитот ќе притисне на потребата за ново задолжување. И овој пат дефицитот не е предизвикан од капиталните расходи, кои на средината на годината имаат реализација едвај од околу 30-тина проценти, туку од тековните расходи и тнр. изборни трошења. Ваквата структура на буџетот не го поттикнува растот на економијата, напротив, повеќе влијае врз растот на цените како агрегатна побарувачка“ – вели Гацов.
Позначајни економски резултати, во услови на продлабочен буџетски дефицит, а забавена економска активност не може да се очекуваат, велат економистите.
“Според податоците за првиот квартал и за секторските остварување во индустриското производство, земјоделството и голем дел од услужните сектори, како и за податоците за намалување на извозот во услови на зголемен увоз, тешко дека ќе можеме да очекуваме некој позначаен резултат. Ова се надополнува и од потребата релативно рестриктивната монетарна политика што се манифестира со зголемени каматни стапки на пазарот и со нејзина делумна компензација на релативно експанзивната фискална политика со високо ниво на буџетски дефицит, да опстојува во текот на целата оваа година“ – оценува Поповски додавајќи дека големо влијание на растот ќе имаат и други “неекономски “ фактори.
“Тука се неекономски бариери кои сè уште се силни и во светот (регионални воени конфликти што се закануваат да прераснат во пошироки) но и кај нас – застој во евроинтегративните процеси, постојана опасност од политичка дестабилизација и непредвидливи меѓуетнички односи“ – додава Поповски.
Ребалансот на Буџетот се очекува во втората половина на јули.
- Синдикатот за образование на БиХ со писмо со сочуство за трагедијата во Кочани до СОНК - 18/03/2025
- „Audi“ ќе укине 7.500 работни места во Германија - 18/03/2025
- Невидена измама! Менаџер за човечки ресурси измислувал работници – успеал да проневери повеќе од 2 милиони евра: Еве како е откриен - 18/03/2025