Анкета на Работник: 62,5 % избираат повисока плата пред стаж – “Не знам дали ќе дочекам пензија”

Бобан Илијевски

Порталот Работник спроведе анкета за тоа дали на луѓето поважно им е да имаат повисока плата или да им тече стаж, притоа им даде можност да изберат само една од овие две опции. Причината поради којашто ја спроведовме оваа анкета е да дознаеме која од овие работи им се поважни на граѓаните.

За некои од испитаниците ова прашање беше контрадикторно и бараа да се овозможи да ги обележат и двете опции, но тоа не беше поентата на анкетата.

Преку неа, исто така, може да се дознае дали самите граѓани би инвестирале во пензиска заштеда или можеби дали би работеле во нефромалната економија за повисока плата.

Главните заклучоци се дека 62,5 % од испитаниците би одбрале повисока плата, додека 36,8 им е поважно да им тече стажот.

Најголем дел од луѓето коишто одговориле на анкетата се жени (53,4 %), а 46,6% се мажи.

Според возраста најмногу на анкетата одговориле оние кои се на возраст од 40 до 50 години (36,3 %), од 29 до 39 (31,7 %), повеќе од 50 години возраст (29,6 %) и најмалку одговориле лица на возраст од 18 до 28 години или само 2,5 %.

Најголем дел од жените истакнале дека сакаат повисока плата. Иста е и ситуацијата кај мажите.

Гледано според возраст, испитаниците од 18 до 28 години повеќе се за да им тече стаж; испитаниците од 29 до 39 се за повисока плата; од 40 до 50 години се за повисока плата и оние кои се над 50 години избираат повисока плата наместо стаж.

Во самата анкета на испитаниците им дадовме простор да дадат и свој коментар. Забележливо е дека на дел од нив им се важни и двете, односно и повисоката плата и стажот.

Одвоивме и неколку коментари од испитаниците кои можете да ги прочитате подолу:

„Повисоката плата значи и можност за штедење и инвестирање“

„Во никој случај дека стажот не ми е важен, меѓутоа кога би морала да бирам во моментов би избрала да имам повисоки примања, но не значи дека тој избор во секој случај ми е приоритетен“.

„Кога ќе наполнам 62 години ќе нема работници во Македонија кои ќе работат за да можат да се исплаќаат пензии (ќе се доисели народот). Нема да треба стаж. Подобро сега да земам повисока плата. Ќе штедам во третиот столб“.

„Затоа што не знаеме во подалечна иднина што ќе се случува со пензиските фондови. А има и приватни осигурителни компании каде секој може да одвојува месечна сума за пензија“.

„Затоа што не знам дали ќе дочекам пензија со сите стресови што оваа држава ми ги приредува секојдневно!“

„Иднината е секогаш важна, но во овој случај, во Македонија е поважно да имаш повисока плата од стаж, пошто пензијата и вака и така ќе ти биде мизерна“.

„Би уплаќала средства во доброволен пензиски фонд или пак во полиса за животно осигурување кои можам во било кое време да ги користам како јас сакам а не да пропаѓаат во овој сегашниов пензиски фонд, многу луѓе не ја ни дочекаа пензијата значи бадијала им е одбивано од плата со години наназад“. 

„Незнам дали ќе дочекам пензија. Сега сакам да трошам и шетам кога сум млада“.

Во главно, испитаниците сметаат дека нема да дочекаат пензија, па затоа сакаат да имаат поголема плата додека се млади.

Оние кои како опција одбрале да им тече стаж, во најголем дел сметаат дека стажот ќе им послужи за да земат пензија, но и дека истиот ќе им овозможи да земат и поголема плата, нагласувајќи го тука додатокот за минат труд кој предвидува 0,5 % зголемување на плата со секоја година стаж.