АППТ домаќин на странски новинари, инфлуенсери, блогери, влогери и тур оператори

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) најавува посети на странски новинари, инфлуенсери, блогери, влогери и тур оператори. Како што соопшти, креативноста, ресурсите и капацитетите ќе бидат искористени за професионално и туристичко претставување на земјава, а целта е промоција на локалитетите, туристичките производи, атракции, авантуристичките форми на туризам, гастрономијата, винските патишта, руралните дестинации и регионите.

-Ќе им посакаме добредојде на претставници од Шибенско-книнската жупанија. Во хрватската делегација од градот Шибеник на информативното патување ќе дојдат Ирис Укич Которац, заменик жупан во Шибенско-книнската жупанија, Грго Сожа, прочелник на општина Примоштен, Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонска тангента и Милена Георгиевска, секретар на Хрватско-македонска тангента. Инфо тура ќе се реализира и за ТВ Романија, со цел преставниците Тити Динка и Елена Дину од романската телевизија, кои се уредници на емисијата „Кап компас”, да снимаат документарен филм на тема културни наследства на Македонија, која ќе биде емитувана на програмата на ТВР, информира Агенцијата.

Почесен гостин на АППТ ќе биде и Марјам Али Бин Тани Алфаласи која е СЕО на туристичката агенција „Алабра Интернатионал” и член на Кабинетот на премиерот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Ова информативно патување, како што велат од Агенцијата, се организира со цел земјава да биде овозможена како дестинација за туристите од ОАЕ,

-Македонскиот туристички сектор ќе реализира и инфо тура за турските блогери Мелих Дасгин и Озлем Дасгин. Ова информативно патување ќе биде од големо значење за нас. Мелих ќе ја претстави земјава на турскиот пазар на неговиот фејсбук и инстаграм профил како и на неговата веб страница “inzinthegit.com”. Andrea Quero и Daniele Fuccini при посетата на земјава ќе снимаат два документарни филма на тема културно наследство, кои ќе бидат емитувани на емисиите „Geo” и „Kilimangaro” на италијанските национални телевизии RAI 1 и RAI3, наведува АППТ.

Според Агенцијата, деновиве во посета на Охрид се претставници на интернационалниот туроператор ТУИ-Обединето Кралство, чија цел е промоција на дестинацијата и привлекување што поголем број туристи од Англија.

-Зголемениот интерес за посета на една од последните неоткриени туристички дестинации-Македонија од страна на новинари, инфлуенсери, блогери, влогери, тур оператори и претставници од туристичкиот сектор на странска земја е се поголем. Во периодов што следи, односно летнава сезона е одлична можност да ја зајакнеме промоцијата на нашите туристичките капацитети, а една од алатките која овозможува таргетирана, комплетна, сеопфатна и посуштинска промоција е организација на информативни патувања за странски туристички делегации, рече директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски.

Тој потенцира дека се е во насока на враќање на туризмот и зголемување на бројот туристи на локално и државно ниво.

-Можеби ќе бидат потребни уште две години македонскиот туристички сектор да се врати на статистичките бројки од туристи и остварени ноќевања, доколку се задржи оваа позитивна прогресија во 2022 година приливот од туристичкиот сектор во македонската економија се очекува да ја надмине 2019 година. Девизниот прилив од ставка туризам во првиот квартал за 2022 година е 78.52 милиони долари што е за 8,45% поголем споредбено со истиот период 2019. Со ова темпо се очекува 400 милиони долари девизен прилив во БДП од туризмот за 2022, со што ќе ја надминеме одличната 2019-та, смета Јаневски.

Негова оценка е дека иницијативата „Отворен Балкан” од туристички аспект ќе овозможии поголема координација и соработка на меѓусебните активности поврзани со промоција и поттикнување на туристичките групи во овој дел од Европа.

-Лидерите од земјите на иницијативата „Отворен Балкан” го видоа економскиот бенефит од туризмот како стопанска гранка, па така фокусот на самитот во Охрид на 7 и 8 јуни ќе биде насочен кон туризмот и културата. На настанот ќе присуствуваат повеќе од сто новинари од регионот и Европа, што е одлична можност за туристичка промоција на земјите од Западен Балкан. „Отворениот Балкан” создава дестинација од 12 милиони домашни туристи доволно конкурентна и во самата дестинација, овозможувајки многу подобри конекции, делење позитивни практики, едукација и градење стручен кадар, зголемена промоција со што се очекува  на уделот од туризмот во БДП на секоја земја, истакнува Јаневски.