СветСветот на работникот

Некои работодавачи се враќаат на моделот од СФРЈ: Во Словенија градат и купуваат станови за вработените

Во Словенија, некои работодавачи сега се враќаат на југословенскиот модел кои го имале пред неколку децении. Градат, купуваат или изнајмуваат станови за своите вработени.

Бидејќи, работодавачите увидуваат дека во борбата за работна сила мораат на вработените да им понудат повеќе од самата плата ако сакаат да ги задржат.

Оние кои работниот однос го започнале во поранешна СФРЈ, се’ уште се сеќаваат дека тогаш големите фабрики, здравствените домови, училиштата и другите јавни установи на луѓето кои се вработувале кај нив често им нуделе и станови на наем.

Тоа се случувало веќе во нивното родно место, а особено ако требало некого да привлечат да прифати работа во оддалечен дел од земјата каде немал решено станбено прашање. И денес, на пример, во некои згради постојат т.н. станови за домари.

Тогашниот систем, се чини, разбирал дека на активното население на пазарот на трудот потребно му е да му се овозможи решавање на станбеното прашање по пристапна цена. Со тоа полесно привлекувале кадри во оддалечени краеви, но тоа било важно и за младите кои се осамостојувале, формирале семејства и создавале нови генерации кои подоцна влегувале на пазарот на труд, пренесува Capital.

Меѓутоа, тие станови во сопственост на работодавачите, општината или државата по осамостојувањето, во рамките на пазарната економија и т.н. Јазбинишков закон, во главно се продадени по ниски цени и станале приватна сопственост. Достапноста на недвижнините започнала да го диктира пазарот, а цените нагло пораснале. Денес многу вработени не можат да си дозволат ни изнајмување, а камоли купување на стан, додека во малите средни станови често нема воопшто на пазарот.

Работодавачите се враќаат на моделот на СФРЈ

Затоа некои работодавачи денес се враќаат на моделот од југословенскиот период. Градат, купуваат или изнајмуваат станови за постојните вработени или за кадри кои сакаат да ги привлечат. Тоа не се однесува само на странските, туку и на домашните работници.

Во Терма Олимиа во Словенија, на пример, планираат да изградат два станбени објекти – едниот за наем, а другиот за продажба на вработените. Компанијата Крка обезбедува службени станови за перспективните кадри кои доаѓаат од далечните краеви, како и станбени кредити за купување, изградба или адаптација на недвижнина.

„Кај вработувањето на лекари од странство обезбедувањето на станови е клучно“, наведуваат од Здравствениот дом во Љубљана, кој моментално располага со 28 такви станови. Слична пракса има и Месарницата Облак, каде половина од 130-те вработени се со странско потекло.

Засега тоа се поединечни примери, но е јасно дека работодавачите сфаќаат дека платата повеќе не е доволна за задржување на работната сила. Ова особено е важно во помалите средини и таму каде што становите се скапи или недостапни.

Обезбедувањто на сместување ги зголемува шансите работниците трајно да се населат и да останат кај работодавачот, што е важно и за зачувување на населеноста во тие подрачја.

Борбата за работна сила дополнително ќе се интензивира. Бројот на невработени во Словенија континуирано опаѓа, а на крајот на мај изнесувал 43.060, што е помалку од претходниот месец и претходната година. Сепак, и понатаму постои структурна неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд.

Поради недостиг од домашни кадри, работодавачите се’ повеќе вработуваат странски работници, кои веќе се околу 150.000, односно 16 % од работспособното население. Сепак, структурата се менува – додека претходно доминирала работна сила од Балканот, сега расте и бројот на работници од Азија.

Во последниот период намален е бројот на работници од балканските земји, додека значајно пораснал бројот на работници од југоисточна Азија. Бројот на дозволи за работа за балканските работници опаднал, додека за работниците од Азија повеќекратно пораснал. На крајот на првиот квартал биле околу 14.700.

Причината е тоа што други европски држави нудат подобри услови за работа и поголеми плати, додека истовремено растат и платите во матичните земји на балканските работници. Поради тоа, многумина преферираат да останат дома.

Од друга страна, работниците од трети земји често се подготвени да работат и потешки работни задачи и во поскромни услови, што ги прави привлечни за работодавачите.

Ризици и злоупотреби

Ваквата ситуација носи и ризици од злоупотреба, бидејќи странските работници често се во неповолна положба поради непознавање на јазикот и своите права. Постојат случаи на лоши услови за работа и сместување, па дури и експлоатација.

Инспекциите на труд предупредуваат дека контролата е отежната поради јазични бариери, што дополнително ја комплицира заштитата на работниците и безбедноста при работа.

Голем проблем претставува и недостигот од адекватно сместување за странските работници. Некогаш постоеле работнички домови, но многу од нив биле срушени и заменети со комерцијални станбени објекти. Инвеститорите немаат интерес за изградба на такви објекти бидејќи не се доволно профитабилни.

Поради тоа некои компании сами градат сместување за своите работници.

Владата на Словенија вовела одредени мерки за олеснување на вработувањето на странци и се обидува да привлече висококвалификувана работна сила. Сепак, јасно е дека без обезбедување на адекватни и достапни станови нема да биде возможно на долг рок да се реши проблемот со недостигот на работна сила.

Извор: b92.net