ЕкономијаМакедонија

„Граѓаните беа толерантни“: Мицкоски бара итно намалување на цените во маркетите

Откако цените на горивата почнаа да се движат надолу, Владата го насочува вниманието кон следниот фронт – цените на храната. Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе седне на иста маса со претставниците на маркетите, дистрибутерите и трговците, со јасно барање: основните прехранбени производи да поевтинат.

Според него, периодот на неизвесност поврзан со случувањата на Блискиот Исток завршува, а со тоа исчезнуваат и дел од аргументите кои досега се користеа за оправдување на високите цени.

„Граѓаните беа толерантни, сега е ред тие да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на производите, особено на основните прехранбени производи“, изјави Мицкоски.

Премиерот порача дека од трговците очекува брза реакција, а доколку тоа не се случи, Владата ќе ги активира механизмите што ѝ стојат на располагање.

„Оправдувања и изговори не прифаќам. Доколку не се види реакција во следните денови, ќе реагираме и тоа на подолг рок“, нагласи Мицкоски.

Тој најави и дека ќе биде направена споредба на цените на основните производи во домашните маркети со цените во земјите од регионот. Доколку се утврдат значителни отстапувања, Владата е подготвена јавно да ги посочи трговските синџири кои не покажуваат подготвеност за корекција на цените.

„Ако треба, некои маркети ќе ги објавуваме и по име“, предупреди премиерот.

Иако не прецизираше кај кои производи очекува најголемо намалување, тој повтори дека токму основните прехранбени производи треба први да ја почувствуваат корекцијата.

Паралелно со ова, Мицкоски очекува и дополнително олеснување за граѓаните преку пониски цени на горивата. Според неговите најави, Регулаторната комисија за енергетика денеска би можела да донесе одлука со која бензините ќе поевтинат за околу 2,5 до 3 денари по литар, додека кај дизелот намалувањето би можело да достигне и до 7 денари.

Состанокот во Владата ќе покаже дали трговците доброволно ќе пристапат кон намалување на цените или државата ќе се реши за нов сет мерки во обид да го намали товарот врз домашните буџети.