ЕкономијаМакедонија

РКЕ денеска ги соопштува новите цени на горивата во Македонија

Возачите во Македонија денеска ќе дознаат дали од полноќ ќе има промена на цените на горивата. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се очекува да ја донесе новата одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати, со што ќе стане јасно дали бензините и дизелот ќе поскапат, ќе поевтинат или ќе останат на сегашното ниво.

Според одлуката што е во сила од 3 ноември, малопродажните цени се:

ЕУРОСУПЕР БС-95 – 93 денари за литар

ЕУРОСУПЕР БС-98 – 95 денари за литар

ЕУРОДИЗЕЛ – 100 денари за литар

Екстра лесно масло за домаќинство – 110 денари за литар

Во меѓувреме, цените на суровата нафта на светските пазари бележат пад. Северноморската нафта „Брент“ денеска се тргуваше по цена од 96,91 долари за барел, што претставува намалување од 1,5 проценти, додека американската сурова нафта WTI поевтини за еден процент и достигна 89,85 долари за барел.

Падот на цените следува по значителното намалување минатата недела, кога „Брент“ изгуби околу 16 проценти од својата вредност. Аналитичарите тоа го поврзуваат со очекувањата за намалување на тензиите меѓу САД и Иран и можноста за дипломатски напредок.

Сепак, неизвесноста на енергетските пазари и понатаму е присутна поради нападите врз бродови во близина на Ормускиот Теснец, кои и натаму влијаат врз глобалното снабдување со нафта.

Одлуката на РКЕ за новите цени на горивата ќе биде објавена во текот на денот, а новиот ценовник ќе стапи во сила од полноќ.