ЕкономијаСвет

Во Македонија 603 евра за „удобен живот“, во Швајцарија над 6.400: големи разлики низ Европа

Во Македонија на едно лице му се потребни 603 евра месечно, односно околу 37.000 денари, за да влезе во повисоката средна класа, покажува анализа на „Еуроњуз“ базирана на податоци од Евростат и методологијата на ОЕЦД. Просекот во Европската Унија изнесува 2.867 евра, додека на врвот е Швајцарија со 6.491 евро. Во ЕУ, најнизок праг има Романија со 1.023 евра, а највисок Луксембург со 6.256 евра. Кај големите економии, за „удобен живот“ се потребни 3.611 евра во Германија, 3.307 во Франција, 2.758 во Италија и 2.546 евра во Шпанија.

Анализата се темели на дефиницијата на ОЕЦД според која повисоката средна класа започнува на 150 отсто од националниот медијален приход. Но, експертите предупредуваат дека ова не е гаранција за финансиска сигурност, туку статистички ориентир. Реалниот квалитет на живот зависи од трошоците за домување, кирија, кредит, превоз, здравство и од тоа дали лицето живее само или издржува семејство. За двочлено домаќинство во Македонија би биле потребни околу 905 евра, а за четиричлено семејство околу 1.266 евра месечно.

Економистите посочуваат дека иста плата не значи ист животен стандард во секоја земја, па затоа се користи и стандардот на куповната моќ. Дополнително, голема улога игра и тоа дали домаќинството има сопствен стан или плаќа кирија. Според експертите, удобен живот не значи само покривање на основните трошоци, туку и можност за учество во општествениот живот, одмор, штедење и справување со непредвидени трошоци без сериозни финансиски последици.