ЕкономијаМакедонија

Од денес се менува начинот на плаќање во банките: Што треба да знаат граѓаните и фирмите?

Од денеска, 9 ноември, почнува примената на новите стандарди во домашниот денарски платен промет. Денарските сметки ќе се прикажуваат во ИБАН-формат, досегашните уплатници се заменуваат со нови платни налози, а се менуваат и шифрите за намената на плаќањата.

Постојниот број на денарската сметка останува ист. При прикажувањето во ИБАН-формат, пред него се додава префиксот „MK07“. Граѓаните и фирмите нема потреба да отвораат нови сметки или да ги префрлаат средствата. Приспособувањата во електронското и мобилното банкарство ги прават банките, а клиентите треба да ги следат упатствата на својата банка за внесување на бројот на сметката.

Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со стандардизирани платни налози во хартиена и електронска форма. Се менуваат распоредот и содржината на полињата, а кај одредени налози ќе се бараат и адресни податоци за плаќачот и примачот.

За намената на домашните денарски плаќања од денеска се користат ознаки од четири знаци, усогласени со меѓународниот стандард ISO 20022. Граѓаните и фирмите што однапред подготвиле налози за извршување денеска или подоцна треба да проверат дали е внесена соодветната нова шифра. За девизните трансакции и за денарските плаќања во кои учествува нерезидент остануваат соодветните трицифрени шифри за плаќања со странство.

Компаниите што испраќаат налози автоматски или преку сметководствени програми треба да проверат дали нивните системи ги поддржуваат новите формати. Според Македонската банкарска асоцијација, промените се дел од модернизацијата на домашниот платен промет.