Проверувајте ги компаниите со време
Не знам колку се согласувате со мене, но ми се чини дека некои компании забораваат дека кандидатите и вработените ги проверуваат нив онолку колку што и тие ги проверуваат.
Во ера на социјални мрежи, многу е лесно да се напише порака од типот: „Немој да аплицираш таму, ќе те тормозат на интервју.“ Или: „Немој да се вработуваш таму, шефот е до тој степен токсичен што секој ден дома ќе си одиш со главоболка“.
И тогаш кандидатите и вработените започнуваат да проверуваат дали е тоа навистина така. Не некои газди им требаат неколку месеци за да си го покажат своето лице. Сопрво ќе бидат фини и културни со вработениот, за подоцна да станат тотална спротивност. Ова ви го кажувам од мое лично искуство.
Особено испраќам апел до новите вработени, добро да ја проверат работната средина. Да видат како функционираат вработените кои се подолго време. Ако забележите дека во компанијата одредени вработени се третирани со почит, а други не, тогаш тоа е црвено знаменце, кое според мене, не смеете да го занемарувате.
Кандидатите за работа пак, добро да ја истражат компанијата. Во денешно време тоа е многу лесно. Јас би почнал со тоа што прво би го пребарал нејзиното име на Гугл, а потоа и на социјалните мрежи.
Морате добро да ги проверите компаниите. Јас сум еден од оние коишто верува дека на работното место мора да има хармонија. Не бидува да работите во опкружување кое ќе ве прави анксиозни или постојано ќе ви причинува стрес.
Неизбежно е сето тоа да се прелее и во вашиот приватен живот.

