Ахмети се повлече од изјавата со која Алфа и Телма ги квалификуваше како „непријатели на Албанците“

Претседателот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети завчера на трибина во Гостивар ги етикетираше телевизиите Алфа и Телма како „непријатели на Албанците“.

„Јас бев и затворен, имав 18 години кога ме тепаа, Јован се викаше шефот на УДБ во Кичево, зашто баравме факултет на албански јазик во Скопје, имавме иницијатива како студенти во тој период со Азис Положани и други. Јас сум се борел за право на збор, а кога станува збор за демократизација на политичката организација, никогаш не сум забранил различно мислење во ДУИ, напротив, ги охрабрив затоа што така се збогатува политичката организација. И сега, кому му служиме со овие движења што се прават, се разбира, на непријателите на Албанците, аплаудираат Алфа, Телма, мелма, што се овие, што добиваат Албанците кои беа поделени во минатото? Ништо не добија. Богатсвата мора да се чуваат, но и да ја кажам вистината, жал ми е бидејќи ми беа соработници. Да ви кажам право, не ми се допаѓа, им кажав дека грешат, од друга страна, не им беше лошо, неправда не им направив, функции имале цел живот, на нивна совест е тоа како размислуваат за работите понатаму“, рече Ахмети на трибината, пренесува порталот Лидер, повикувајќи се на видео од говорот на Ахмети објавено и преведено од порталот 360 степени.

Од неговата партија потоа појаснија дека Ахмети мислел на утринските емисии на овие телевизии, каде се јавувале граѓани кои имале ставови против Албанците.

Вчера тој ретерираше велејќи дека не ги обвинил Алфа и Телма.

„Јас сум иритиран од тоа што го слушам на ТВ Алфа од сограѓаните Македонци кои со говор на омраза зборуваат против Албанците, дека Албанците ќе ја преземаат државата, дека Македонија станува Албанија се до навреди упатени до Артан Груби и до Бујар Османи“ изјави вчера Ахмети. 

Неговата изјава, но и вчерашниот одговор на новинарско прашање на премиерот Ковачевски наиде на реакција од страна на Здружението на новинари на Македонија.

И Премиерот Димитар Ковачевски посочи свои квалификации, по она што може да се разбере од неговата изјава, за овие две телевизии. Новинарските здруженија ја осудија и неговата изјава.

За да не ја цитираме двапати, подолу можете да ја прочитате во реакцијата на Здружението на новинари на Македонија.

Од ЗНМ преку соопштение истакнаа дека праксата на непримерна комуникација продолжува и од претседателот на Владата.

На новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече: ,,Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација”, посочија од ЗНМ.

Според нив, доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела – Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија.

Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес, истакнаа од ЗНМ и додадоа дека ваквиот однос од страна на Ковачевски во најмала рака е непрофесионален бидејќи во истиот ден реагирале и за скандалозната изјава на неговиот коалициски партнер Ахмети.

Ваквите изјави можат да ја загрозат безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст, порачаа од ЗНМ.

Изјавите на Ахмети и Ковачевски беа осудени и од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Како одговор на изјавата на Ахмети од ССНМ истакнаа:

„ССНМ сака да потенцира и предупреди дека ваквото квалифицирање на медиумите од страна на политичарите, може да предизвика непријателско однесување кон новинарите и медиумските работници, загрозувајќи ја нивната безбедност.

Потсетуваме на слични изјави на високопозиционирани политичари во минатото кои на ист начин, како Ахмети, етикетираа медиуми како непријателски, по што се зголемија нападите врз новинарите медиумските работнитници.

Синдикатот сака да посочи дека на новинарите секогаш приоритет во работењето им е вистината, јавниот интерес, критиката кон политиките на партиите, дејствувањето на партиските функционери, без притоа да праваат поделба по национална, верска и или родова основа.

ССНМ секогаш е на страна и во одбрана на слободата на говор и безбедноста на новинарите и уште еднаш потенцира дека е згрозен од настапот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој со етикетирање на медиуми кој може да создаде простор за говор на омраза кон медиумите и новинарите“.

Додека како одговор на изјавата на Ковачевски, од ССНМ посочија:

„Сметаме дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи, вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично.

Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество.

Предочуваме, дека јавноста односно граѓаните не смее никој да ги потценува и тие се оние кои го носат крајниот суд за тоа дали одреден медиум си ја врши добро или не работата која е од јавен интерес.

Исто така, ваквите изјави воопшто не придонесуваат, туку напротив се основа за разгорување на секогаш кревките етнички односи во Македонија“, стои во двете соопштенија на ССНМ. 

Осуда за изјавата на Ахмети пристигна и од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.

Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите“, стои во реакцијата на АВМУ.

Инаку и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, пред три дена во посета на Македонија, ја оквалификува телевизија Алфа како про-српска телевизија.

 

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.