Дали држи тезата дека HR-ите се повеќе на страната на работодавачот?
Постои една тема за којашто се зборува во кулоарите, но ретко некогаш за неа се пишува јавно. Порталот Работник реши да го отвори тоа прашање пред јавноста. Станува збор за тоа дали држи тезата дека професионалците за човечки ресурси се повеќе на страната на работодавачите.
Инаку оваа тема е инспирирана од еден коментар оставен под една објава на LinkedIn профилот на авторот во која еден корисник на деловната социјална мрежа напиша дека менаџерите за човечки ресурси повеќе натежнуваат кон работодавачите.
За тоа дали е тоа така, ја прашавме Трајанка Кимова, специјалист за човечки ресурси.
Кимова за порталот Работник вели дека во повеќето компании кај нас тезата држи.
„Многумина во HR сферата се поставени и се однесуваат исклучиво како продолжена рака на менаџментот, а не како професионалци за човечки ресурси. Тоа е реалноста затоа што платата на крајот на денот им ја дава работодавачот, па линиските менаџери често ги користат за чистење на нивно место или за кратење трошоци на грбот на работникот“, вели Кимова.
Таа истакна дека треба предвид да се земе тоа дека вака функционира лошиот, застарен и чисто административен HR.
„Секој што сериозно си ја разбира струката знае дека ако слепо држиш една страна, правиш штета. Ако си само на страната на газдата, луѓето ќе ти избегаат и бизнисот ќе пропадне. Ако си слепо на страната на вработените компанијата може да банкротира, па сите ќе останат без работа.
Кимова вели дека нејзиниот став е оти чистиот и вистински HR мора да има ‘рбет да му каже на сопственикот кога греши со луѓето, исто како и што мора да биде реален со вработените кога очекувањата им се надвор од можностите. Сѐ друго е само глумење форма.
„Секојдневно соработувам со колеги од браншата и од прва рака гледам колку е тешко во пракса во вакви ситуации. Многу од нив навистина сакаат да ги сменат работите на подобро, но се наоѓаат во позиција каде што едноставно не можат да се постават како што треба бидејќи немаат поддршка од менаџментот“, вели Кимова.
Кога сопствениците на компаниите го гледаат HR-от само како трошок или алатка за спроведување на нивните наредби, тогаш целиот систем паѓа во вода. Затоа таа јасно кажува дека констатацијата е потполно точна и дека за промена е потребна храброст од страна на HR професионалците, а другата страна потребен е менаџмент кој конечно ќе разбере дека без задоволни луѓе нема успешен бизнис.

