- Advertisement -
ЕкономијаНовостиСветот на работникот

Балканот е неподготвен за „селидбата“ на странските инвестиции

Балканот е неподготвен - Работник
498views

Можноста за враќање на европското производство на „домашен терен“ произлегува од најновите политичко-економски глобални промени во светот, кои беа поттикнати и од ковид-криза. Како клучни фактори што се наметнуваат се враќањето на економскиот суверенитет во Европа и американското прогласување на Кина за најголема закана за националната сигурност

Враќањето на производството во Европа, а со тоа и на просторот на земјите од Западен Балкан, се наметнува како можна опција по неколкудецениската транзиција на економските текови во азиско-пацифичката зона. Можноста за враќање на европското производство на „домашен терен“ произлегува од најновите политичко-економски глобални промени во светот, кои беа поттикнати и од ковид-криза. Како клучни фактори што се наметнуваат се враќањето на економскиот суверенитет во Европа и американското прогласување на Кина за најголема закана за националната сигурност, што беше предизвикано од прекинот на каналите за снабдување на стратегиските производи и поскапувањето на енергијата, кои го поскапуваат и транспортот од далечните источни земји.

На темата за враќање на производството на Западен Балкан, се осврнува и „Ал џезира“, која пренесува и дел од согледувањата на економистите за содржината во истражувањето под називот „Потенцијалите на Западен Балкан за привлекување на странските инвестиции во постковид-периодот“, кое беше реализирано од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан, во соработка со Виенскиот економски институт и со поддршка на Проектот за коморско партнерство за Западен Балкан.
Податоците од првата половина на годинава покажуваат дека овие трендови веќе и се остваруваат, бидејќи сите економии од Западен Балкан имаат зголемени странски инвестиции. Ова упатува и на тоа дека некои европски компании почнале со процесот на пренасочување на своите инвестициски програми во регионот наместо во земјите од Азија.

Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) објави дека Србија во 2020 година имала 3,44 милијарди долари странски инвестиции, од вкупно инвестираните 8,11 милијарди долари во Југоисточна Европа. Хрватска привлекла 1,3 милијарда долари, Албанија 1,1 милијарда, Словенија и Црна Гора по 529 милиони, Босна и Херцеговина 371, а Македонија 274 милиони долари. Централната банка на БиХ објави податоци за вториот квартал од 2021 година, според кои, во првото полугодие годинава, инвестициите достигнале 453 милиони долари.

– Гледано глобално, според процените на УНКТАД, директните странски инвестиции годинава ќе достигнат најниско ниво, а потоа ќе почнат да растат. Проектираното зголемување од 10 до 15 отсто и натаму е за 25 отсто пониско од приливот на глобалните ДСИ во 2019 година. Сегашните прогнози предвидуваа натамошен раст од 15 до 20 отсто во 2022 година. УНКТАД предвидува дека приливот на странските инвестиции во транзициските економии нема да почне да расте пред 2022 година – изјавуваат од Агенцијата за унапредување на странските инвестиции во Босна и Херцеговина (ФИПА).
Но прашањето што го поставуваат економистите е дали Западен Балкан може да ја искористи оваа пригода за привлекување на странските инвестиции и колку домашните компании располагаат со доволно квалификуван човечки и технолошки потенцијал?

– Постојат две причини дали земјите од регионот се подготвени за преселување на производствените погони од компаниите во Азија во Европа. Првиот се однесува на воспоставената перцепција дека земјите од Западен Балкан треба да понудат пониски трошоци за работење – пониски плати, пониски даноци и државни субвенции. Втората причина е што големиот број луѓе веќе заминаа на работа во странство – смета Радојка Николиќ, главна уредничка на магазинот „Бизнис“.

Трендот на иселување од државите од Западен Балкан продолжува во периодот по корона-кризата. Според студијата на Светската банка, која е работена пред две години, во периодот од 1990 до 2015 година од Балканот емигрирале 4,4 милиони луѓе, и тоа најмногу од Албанија и од БиХ, кои изгубиле речиси една третина од населението, нагласува Николиќ, во разговор за „Ал џезира“.

Поголема успешност во привлекувањето на инвестициите ќе се постигне кога балканските држави ќе ги зајакнат своите институционални капацитети. Економистите сметаат дека треба да се смени логиката што владее кај властите во земјите од ЗБ, а тоа е дека е најважно на странските компании да им се понуди евтина, а квалитетна работна сила.

– Не треба да им се нудат ниски трошоци за работници, туку силни институции и квалитетни стручњаци. Се плашам дека тоа е најслабата алка во понудата на државите од Балканот. Ниедна од државите во регионот не изградила силни институции, ниту може да понуди правна сигурност без политичко влијание. Многу квалитетни стручњаци веќе ги напуштија своите држави. Без да се вратат нашите квалитетни работници се враќаме во маѓепсаниот круг на балканските проблеми – нагласува Николиќ.