Бајрактар: Ефективна политика против наркотиците бара мултисекторска соработка
Правото на живот и слобода, почитувањето на достоинството и еднаквоста на човековите права денес стануваат општествени начела, а интересот за положбата на децата се смета за еден од најзначајните во секое општество кое има граѓанска определба. Децата се најчувствителниот сегмент од човековата популација, иако правно заштитени со бројни декларации и закони, и понатаму продолжуваат да бидат исклучени во однос на задоволување на голем број егзистенцијални и развојни потреби.
И покрај сите напори за обезбедување на меѓународна и национална правна рамка која ќе ја подобри положбата на децата и која ќе им овозможи да растат во здрава средина, тие секој ден се жртви на различен вид социјален ризик. Несоодветната животна средина во која растат децата остава тешки последици по здравјето и психичкиот развој на децата, влијае на целото општество и на идните генерации, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар на пропратниот настан во рамки на 63-тата сесија на Комисијата за наркотични дроги во Виена, на кој се расправаше за политиките против наркотици на Балканот. На настанот покрај нашата присуствуваа и делегации на БиХ, Албанија и Црна Гора, UNODC- оделот за превенција и невладини организации.
„Воспитувањето и одгледувањето на децата во средина каде тие ќе ги имаат сите потребни услови за нормално детство и соодветн развој е едно од основните општествени прашања. Согласно Конвенцијата за правата на детето, како држава потписничка го признаваме правото на уживање на највисоките стандарди за ниту едно дете да не биде лишено од неговите права. Владата на Република Северна Македонија е свесна дека не може да работи без мултисекторска соработка со релевантните институции, граѓански и меѓународни организации. Сите ние треба заеднички да делуваме, секој во својот делокруг на работа“, нагласи заменик министерот Бајрактар.
Во Република Северна Македонија клучни столбови во политиката за дроги се: превенцијата, намалувањето на штети, лекувањето, рехабилитацијата и ресоцијализацијата како и координацијата.
Пристапот на превентивните програми опфаќа мултидисциплинарни области – училиште, заедница, места на дружење, клубови, медиуми, организации вклучени во борба против злоупотребата на дроги и други психотропни супстанци. Бајрактар укажа дека цел на превентивните програми е навремено информирање за проблемот со дроги и психотропни супстанци, зголемување на знаењето, социјалното и емоционалното учење, откривање на ризичните чинители за стекнување на зависност од дрога како што се рана агресивност, лошо знаење и неуспех во училиштето, врсничка поддршка и исполнетост, вештини за одбивање на конзумирањето на дроги, како и зајакнување на личните предности. Во системот на превенција во Република Северна Македонија клучни алки се Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и останатите надлежни институции кои го прават системот целосен.
- Како македонските шивачки го одржуваат занаетот? - 25/03/2025
- Мицкоски: Расте просечната плата, пензионерите ќе го добијат покачувањето - 25/03/2025
- Нови цени на горивата - 24/03/2025