Кои се правата на работниците кога работат прекувремено?
На оваа тема имам пишувано повеќе пати, но сметам дека поради тоа што е од особена важност за вработените, па и оние кои бараат работа, потребно е повторно да ја отворам. Зашто подобро е работите да се знаат однапред. Тоа јас го научив на потешкиот начин. Станува збор за темата прекувремена работа, односно кои се правата на вработените кога работат прекувремено.
Одговори на ова прашање побарав од Билјана Чкламовска, MSc Менаџмент на човечки ресурси, Консултант за корпоративно и работно право и управување со човечки ресурси и Предавач на Академија за човечки ресурси.
За да разбреме што значи прекувремена работа, прво мора да го објасниме поимот работно време, вели Чкламовска.
„Под поимот работно време се подразбира времето во кое работникот работи и ги извршува своите работни задачи согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. Работното време со полно работно време на работниците не може да биде подолго од 40 часа неделно“, објасни Чкламовска.
Секој час што го надминува овој законски максимум, вели мојата соговорничка, се смета за прекувремена работа. Што значи дека прекувремената работа е работа што ја врши работник над редовното работно време утврдено со колективен договор, правилник или договор за вработување.
Прераспределбата на работното време, објаснува Чкламовска, е процес кој овозможува флексибилност во рамките на 40 – часовната работната недела на годишно ниво и тоа не се смета за прекувремена работа.
„Оваа мерка се применува кога природата на работата го бара таквото подредување, но сите прераспределени часови не подлежат на дополнителни надоместоци како прекувремената работа“, вели Чкламовска.
Дали „морате“ да работите прекувремено ако ви биде наложено, колку време и колку треба да ви биде платено?
На работодавачите им е дозволено да им наложат на работниците да работат прекувремено, но само во одредени околности, при што тие мора строго да ги почитуваат законските прописи со кои се регулираат условите под кои се врши прекувремена работа, истакна Чкламовска.
Согласно законот во Македонија, работникот е должен да ја прифати прекувремената работа по барање на работодавачот во неколку ситуации. Правните основи за воведување прекувремена работа се таксативно наведени во Законот за работните односи. Тие се:
- во случај на исклучително зголемување на обемот на работа, доколку е потребно продолжување на деловниот и производствениот процес, доколку е нужно да се отстранат оштетувањата на средствата за работа што би предизвикале прекинување на работата, доколку е потребно да им се обезбеди безбедност на луѓето, имотот, прометот.
- во случај кога има природна или друга несреќа или поради спречување и отстранување на последиците од несреќа, доколку се очекува некоја природна несреќа или
- во други случаи, ако тие се предвидени во посебен закон или во Колективен договор (КД) на ниво на дејноста или КД на ниво на работодавач.
„Од ова произлегува дека законски основ за прекувремена работа, нема, кога деловните активности може да се планираат навремено, односно кога нема итна потреба од нив реализација. Така на пример, недостигот на работници поради користење на годишен одмор не може да биде причина за воведување прекувремена работа. Во такви случаи. Работодавачот треба да го испланира работниот процес и доколку е потребно, да го реши недостигот со прераспределба на работното време или ангажирање дополнителни работници за одреден временски период“, посочи Чкламовска.
Обврски на работодавачот кога воведува прекувремена работа
Работодавачот е должен да му наложи на работникот да работи прекувремено, писмено. Работникот може да одбие да работи прекувремено, ако работодавачот даде устен налог за прекувремена работа, бидејќи тој нема доказ дека му била наложена прекувремена работа, што остава простор да не му биде исплатен додаток за прекувремена работа, објасни соговорничката.
„Во законот се пропишани одредби наменети за зголемување на транспарентноста во воведувањето на прекувремената работа со крајна цел – заштита на здравјето и безбедноста и заштита на правата на работниците. За таа цел, прекувремената работа мора претходно да биде пријавена со писмено известување во Инспекторатот за труд. Во образецот за пријава мора да биде наведен: називот и седиштето на работодавачот, дејност на работодавачот, локација на работното место каде што ќе се извршува прекувремената работа (продавница, магацин, кат, работилница, канцеларија, друго и адреса), време на извршување на прекувремена работа (датум и час), организациона единица во која ќе се извршува прекувремена работа, бројот на работници кои ќе работат прекувремено, како и работните места на кои ќе се работи прекувремено“, вели Чкламовска.
За прекувремената работа, посочи Чкламовска, работодавачот е должен да води посебна евиденција, за работното време на работниците, за да се одвои редовната од прекувремената работа, а прекувремените часови посебно да ги наведе во пресметката за плата и да му ги исплати истите на работникот.
Работодавачот е должен примерок од пресметката да му достави на секој вработен, од каде што јасно може да се увиди дали е пресметан надоместокот за прекувремена работа.
„Во интерес на заштитата на здравјето и безбедноста на работниците, Законот за работни односи определува колку може да биде максималното времетраење на прекувремената работа. Законот го определува неделниот и годишниот лимит на прекувремена работа, над кој работникот не смее да работи прекувремено, ниту да му се наложи да работи прекувремено. Работодавачот мора да води сметка, прекувремената работа да не надминува повеќе од 8 часа неделно и 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес не можат да ја прекинат работата и не можат да се организираат во смени“, наведе Чкламовска.
Прекувремената работа во период од 3 месеци не може во просек да надминува повеќе од 8 часа неделно, додаде Чкламовска.
„Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од законски дозволениот максимум, тој е должен да изврши прераспордување на работното време или воведување на нови смени“, вели таа.
Кои се правата на работниците кога работат прекувремено?
Прекувремената работа претставува додаток на плата, што значи дека за тоа треба да бидат платени и придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на личен доход. Согласно Општиот колективен договор, работникот има право на додаток на плата за врекувремена работа од минимум 35 % по час. Работодавачот може да му исплати додаток повисок од минимумот.
„Работник кој работел над 150 часа подолго од полното работно време и не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на година, кај ист работодавач, има право да бара работодавачот да му исплати бонус во висина од една просечна македонска плата“, посочи Чкламовска.
Во кои случаи работодавачот не смее да наложи работење подолго од полното работно време?
Поради заштита на здравјето и безбедноста на работното место, како и на социјалните и семејните потреби на работниците, вели Чкламовска, Законот за работните односи утврдува и строги ограничувања на прекувремената работа за работници под особени услови кои вклучуваат тешки, напорни и штетни услови за работа, и тоа за работници помлади од 18 години, за повозрасни работници, за трудници, за самохрани родители на мали деца до 6 години, за мајки на деца до 3 години и за работници кои работат на скратено работно време поради намалена способност.
Исклучоци од правилата за прекувремена работа
Кај работниците од Министерството за внатрешни работи и на работниците од Агенцијата за национална безбедност, кои вршат посебни должности и овластувања согласно посебни закони, прекувремената работа може да трае и подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, вели Чкламовска.
„Со измени и дополнувања на Законот за работните односи кои стапија на сила од 30 мај 2023 година, дозволен е нов исклучок од пропишаното, за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно. Во двата случаи, задолжителна е писмена согласност од работникот“, заклучи Чкламовска.

