4 совети како да се справите со колега кој постојано ве прекинува
Сите сме се нашле во ситуација кога се обидуваме да ја завршиме реченицата, а колегата веќе влегува со свој коментар, прашање или мислење. Едно прекинување можеби не е проблем, но кога тоа станува навика, може да влијае на вашата концентрација, самодоверба и начинот на кој другите ја слушаат вашата идеја.
Наместо да се нервирате или да влегувате во конфликт, постојат начини мирно и професионално да поставите граница.
1. Не му дозволувајте да ја преземе дискусијата
Кога некој ќе ве прекине, не мора веднаш да му го препуштите зборот. Смирено можете да кажете: „Само да ја довршам мислата, па веднаш ќе ве сослушам.“ На овој начин не звучите агресивно, но јасно покажувате дека очекувате да добиете простор да завршите со она што го зборувате.
2. Разговарајте со него насамо
Ако прекинувањето се повторува, најдобро е проблемот да го решите директно, но без публика. Објаснете му како неговото однесување влијае врз вас и врз комуникацијата.
Наместо: „Постојано ме прекинуваш!“, пробајте со: „Забележувам дека често се прекинуваме додека разговараме. Би ми значело прво да ја завршам мислата, а потоа да го слушнам твоето мислење.“ Овој пристап е помалку конфронтирачки и остава простор за нормален разговор.
3. Поставете правило на состаноците
Ако проблемот најчесто се случува на состаноци, договорете едноставно правило секој да има можност да го заврши своето излагање пред да следи коментар или прашање.
Можете и самите да го примените тоа во разговорот: кога колегата ќе ве прекине, кратко потсетете го: „Ќе се навратиме на тоа прашање веднаш штом завршам.“ Со текот на времето, ваквото повторување може да помогне да се промени динамиката на комуникација.
4. Ако продолжи вклучете го менаџерот
Понекогаш директниот разговор не е доволен. Ако прекинувањето е постојано, намерно и почнува да влијае врз вашата работа или позиција во тимот, разговарајте со вашиот претпоставен.
Важно е да не го претставувате проблемот како лична нетрпеливост кон колегата, туку како прашање на професионална комуникација и тимска работа. На крајот, целта не е да го „замолчите“ колегата, туку да создадете комуникација во која сите имаат еднаква можност да бидат слушнати. Професионалното поставување граници не значи конфликт напротив, често е еден од најдобрите начини да се спречат поголеми недоразбирања на работното место.
Извор: Кариера

