Починати и иселени на списокот за социјална помош: Откриени илјадници неправилности
Повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност досега се идентификувани во проверките како лица кои, според премиерот Христијан Мицкоски, не ги исполнувале условите за добивање државни средства.
Мицкоски посочи дека меѓу евидентираните корисници имало починати лица, граѓани кои се иселиле од земјата, но и фиктивни корисници.
„До овој момент имаме повеќе од 4.500, значи не 45, не 450, туку 4.500 лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, изјави Мицкоски.
По направените анализи и теренски проверки, средствата предвидени за исплата овој месец се за околу 200 милиони денари пониски во споредба со истиот период минатата година, тврди премиерот.
Според неговата проценка, на годишно ниво од државниот буџет биле издвојувани повеќе од една милијарда, а можеби и до 1,5 милијарди денари за исплати на лица кои не требало да ги добиваат овие средства. Тоа, според Мицкоски, е околу 25 милиони евра.
Проверките сè уште не се завршени. Останува да се провери уште приближно една петтина до една шестина од вкупниот број корисници.
Премиерот најави дека контролите ќе продолжат и во други области. Како пример го посочи здравството, каде што, според него, исто така постои простор за откривање неправилности и заштеда на јавни средства.
Мицкоски проверките ги оцени како реформа со потенцијален финансиски ефект од околу 25 милиони евра годишно. Тој посочи дека доколку слични заштеди се остварат и во други сектори, ослободените средства би можеле да се насочат кон капитални инвестиции и проекти за создавање услови за нови инвестиции.

