Бектеши не се согласува дека стопанствениците не се задоволни од четирите пакет мерки
Ние веќе доставивме барање до стопанските комори и до синдикатите, за да достават до Владата нивни предлози, согласно нивните анкети коишто ги спровеле со нивните членки, рече Министерот за економија Крешник Бектеши, на новинарско прашње дали во петтиот пакет мерки ќе бида вклучени и компаниите кои се веќе згаснати.
„Имаме веќе неколку стопански комори коишто почнале да доставуваат такви предлози. Во моментот кога ќе ги прегледаме сите нивни предлози, мислам дека кон крајот на овој месец, а најдоцна до првата недела на февруари, ќе излеземе и со петтиот сет на економски мерки. Во моментот кога зборуваме, не се дизајнирани точно мерките и има различни предлози, но во склоп на можностите и буџетските средства кои се определени за ковид програмата и после одржувањето на состаноци со стопанските комори, ќе излеземе и заедно ќе ги презентираме“, рече Бектеши.
Бектеши, на новинарско прашање дали ќе има нови мерки за туристичкиот сектор, рече дека што се однесува до петтиот сет на економски мерки, за најпогодените сектори, како што е туристичкиот угостителскиот, ќе има мерки, но посочи дека сеуште нема конкретни мерки, бидејќи се чекаат предлозите од засегнатите страни.
Бектеши истакна и дека не се согласува дека стопанствениците не се задоволни со реализацијата на четирите сета на мерки.
„Ние секојдневно сме во контакт со стопанските комори и со синдикатите. Првиот сет на економски мерки, па до четвртиот, ги усвоивме со согласност на бизнис заедницата. Јас сум убеден дека мерките го дадоа очекуваниот резултат, а тоа го покажуваат и бројките, во делот на приходите и во зачувувањето на работните места, но и во делот во задржување на ликвидноста на бизнисите во нашата држава“, рече Бектеши.
Тој посочи дека доколку се направи споредба со останатите држави од регионот, многу лесно може да се види дека нашата држава навремено и трагетирано ги реализирала сите мерки коишто се усвоени заеднички со стопанските комори. Нагласи дека и петтиот сет на мерки ќе се донесе на тој начин, со цел да им се помогне и на компаниите, но и на работниците.
Бобан Илијевски

