Бесими: Вработувањата во јавниот сектор не се партиски
Вака министерот за финансии, Фатмир Бесими, го правда масовното распишување огласи за нови вработувања во пресрет на двојните избори годинава.
Според него, одливот на кадар се чувствува не само во приватниот, туку и во јавниот сектор и затоа имало заклучок на Влада, со кој сите институции во кои има вработени со договор на дело да им се даде можност за редовен работен однос, особено на квалитетните работници. Бесими тврди дека и покрај впечатокот на јавноста за превработеност во јавната администрација, сепак бројот на административците последниве години бил во опаѓање.
Од први јануари годинава Финансии повеќе нема да одобрува вработувања во јавниот сектор. Секое министерство, претпријатие, агенција или општина сама ќе го прави планот за вработување. Одговорните ќе мора да достават изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за администрација дека институцијата има обезбедно пари за вработувањето. Но, како на ова гледаат експертите?
Инаку, последните две недели речиси и да нема јавна институција што не објави оглас за нови вработувања, за разлика од истиот период минатите години кога немало избори, па речиси и да немаше огласи за нови вработувања.
Извор: ТВ24