Uncategorised

Бислимовски: Работиме на воведување уште еден час евтина тарифа на струја

   Време за читање 1 минута

Намалениот увоз на струја поради производството на фотоволтаични централи наскоро може да ги намали нејзините цени за домаќинствата, најавува Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој вели дека во моментов се работи на дополнување на евтината тарифа на електрична енергија за домаќинствата со уште еден час.

Тој вели дека во моментов треба да се направи вистинска анализа за да се покаже дали постои можност евтината тарифа на струјата да се прошири за еден час, односно до 16 часот.

„Проширувањето на евтината тарифа го правиме за да се искористи евтината цена на електричната енергија во тие периоди. Исто тако, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСМ и до ЕВН Хоум, да купуваат електрична енергија во тие периоди, особено ЕВН Хоум, ние ќе обезбедиме и пониска цена на електрична енергија која сосема е возможно да ни обезбеди и намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, вели Бислимовски во најавеното интервју за Радио Слободна Европа.

Во моментов евтината тарифа на струјата е од 13 до 15 часот. Новата цена на струјата Регулаторната комисија ќе ја донесе на крајот на јуни и тогаш ќе се знае дали и колку ќе има намалување на цената на струјата. 

Дополнително охрабрувачки за РКЕ е тоа што се очекува нето увозот на електрична енергија да биде низок и во текот на целата 2024 година.