Некои маркети ја зголемиле маржата за 2 до 5% – Мицкоски: Тоа нема да се толерира
Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажале дека некои маркети ја зголемиле маржата од 10 на 12-15 % овој јуни во споредба со јуни минатата година.
По промоцијата на нова воена опрема во касарната „Илинден“, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ќе ги повика на состанок за да ги преупреди дека тоа нема да се толерира.
„Во одредени маркети нотирано е зголемување на бруто маржата споредена со минатата година од 2 до 5%. Тие ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се каже дека тоа е недозволиво. Да бидам конкретен со пример: ако минатата година во месец јуни бруто маржата била 10%, сега е 12 или 15%. Тоа се тие дополнителни 2 до 5%. Тоа ние нема да го толерираме и многу јасна порака ќе испратиме кон тие. Кога би се намалиле тие 2 до 5%, тогаш практично ние би биле земја со најниска инфлација во Европа во овој момент, иако очекувам стабилизирање на инфлацијата во јуни месец, многу помала вредност во споредба со мај и со април. Но, ајде да почекаме, за една недела треба да се објават тие параметри, врз основа на бројките коишто ги добивам од Државниот пазарен инспекторат“, изјави Мицкоски.

