Битиќи потврди – администрацијата ќе работи од дома за пониски плати од 10 до 30 %

Фатмир Битиќи во изјава за СИТЕЛ ТВ потврди дека администрацијата ќе работи од дома за пониски плати од 10 до 30 %.

Намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во АНБ, како и во Агенцијата за разузнување, работа од дома на вработените со ротации, па дури и суспензија или укинување на колективните договори.

Ова се дел од мерките што биле разгледувани на вчерашната четиричасовна седница на Економско-социјалниот совет, која беше прекината, откако Владата, синдикатите и работодавачите останаа со спротиставени ставови.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски во вчерашната „Топ тема“ на Телна обелодени дел од мерките и препораките на владата за намалување на расходите на буџетските корисници. Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата која што беше единствено соопштена во јавноста, документот содржи уште неколку точки меѓу кои за синдикатот е најспорно укинувањето на колективните договори. Синдикалците и од јавниот и од приватниот сектор предупредија дека сите заеднички ќе се спротивстават на тоа.

Денеска требаше да се донесе и пакетот на мерки за помош на стопанството. Но, владата одлучи тоа да се случи кон крајот на месецот. Државата донесе одлука финансиски да им се помогне само на одредена категорија граѓани. Експертите сметаат дека тоа е во ред, но мора да има и мерки со кои би се забавила инфлацијата.