Буџетските трансфери за пензии достигнаа околу 690 милиони евра во 2024 година и ќе продолжат да растат
Буџетските трансфери за пензии достигнаа околу 690 милиони евра во 2024 година и ќе продолжат да растат, додека услугите за грижа за старите лица опфаќаат помалку од 1 отсто од оваа популација – ова е нотирано во новиот извештај на Државниот завод за ревб. Се потенцира дека во услови кога државата веќе пет години нема стратегија за стари лица, а населението забрзано старее, ризиците за јавните финансии и социјалната стабилност се зголемуваат.
„ Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6% и 43,6%. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат 42.474 милиони денари (приближно 690,6 милиони евра). Проекциите за крајот на 2025 година укажуваат на дополнително зголемување на трансферите, што претставува значителен фискален ризик за државниот буџет.“ – пишува во извештајот на ДЗР.
Демографските трендови се загрижувачки. Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година .
„Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението. Во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6% .“ – пишува во извештајот на ДЗР.
Првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од Централниот буџет на државата.
Извор: ТВ24

