Останато

Вештачка интелигенција во иднина ќе им помага на лекарите во Хрватска

„Вештачката интелигенција во иднина нема да раководи со клиники или да заменува лекари, но може да им помогне на лекарите во конкретни задачи со цел да добијат повеќе време за комуникација со пациентите“, беше речено на презентацијата на проектот „Вештачката интелигенција за паметно здравство“, пишува „Индекс“.

По повод презентацијата на проектот координиран од најголемиот хрватски научно-истражувачки институт Руѓер Бошковиќ, во Националната и универзитетската библиотека во Загреб, беше создадена „мала клиника за вештачка интелигенција“ која ја демонстрира работата на неколку успешни примени на технологијата за вештачка интелигенција во здравството.

„Не можеме да замислиме клиника што ќе биде управувана од вештачка интелигенција, но одредени процеси и мали чекори можат да се автоматизираат, забрзаат и поедностават. Таа не може да ги замени лекарите, туку да им помогне во одредени задачи“, рече координаторот на проектот Ања Барешиќ.

Проектот е финансиран со 2,9 милиони евра од програмата Дигитална Европа и Националниот план за закрепнување и отпорност, во траење од три години, а има за цел да го забрза и олесни развојот на технологиите за вештачка интелигенција во здравството. Една од овие технологии е автоматското преведување на говорот во пишан текст, кој е обучен за медицински термини и го препознава хрватскиот јазик.

„Од преглед кој трае 20 минути, само две и пол минути се трошат во директна комуникација со пациентот, остатокот од времето се троши на запишување и собирање податоци. Ако ја зголемиме комуникацијата за пет или десет минути, би направиле голем чекор“, изјави Барешиќ.

Покрај автоматското преведување текст во говор, во тек е и имплементација на алгоритам кој ќе го автоматизира читањето на ЕКГ сигналите, изјави помошникот директор на клиниката „Магдалена“, Нина Шесто.

„Потребни се најмалку половина час за да се прочита сигналот за ЕКГ, а медицинскиот персонал мора да има големо искуство во тоа, што ја ограничува достапноста на овој тест. Затоа тестиравме алгоритам кој го скрати тоа време на само неколку секунди “, истакна Шесто.

Клиниката „Магдалена“ го користи и дигиталниот асистент Меги, која ги следи факторите на ризик на кардиоваскуларните пациенти како што се високиот крвен притисок, холестеролот, телесната маса и ги предупредува пациентите кога има промени во нивното здравје.

„Дури 70 отсто од пациентите ќе престанат да ја земаат терапијата правилно и да ги следат советите на лекарот во рок од една година. Тоа се исклучително лоши податоци кои водат до повторно хоспитализација, дури и до прерана смрт. Затоа, ја препознавме потребата од асистент како Меги, кој следи околу 2.500 пациенти во шест установи“, додаде Шесто.

Нови технологии се користат и во Здравствениот дом Загреб – Центар, како што е МЕСИ мТаблетот, кој ги следи сите витални параметри на тешките хронични пациенти.

„Имаме многу постари пациенти кои тешко се движат, но затоа медицинските сестри сега можат да дојдат во нивниот дом и да ги измерат сите важни параметри како ЕКГ, спирометрија, вредност на крвниот притисок, шеќер во крвта итн. Тогаш сето ова доаѓа до доктор во ординација во реално време, па тоа е еден вид замена за домашна посета“, нагласи директорот Ино Протрка.

Освен што им помага на лекарите да ја забрзаат работата и да заштедат време, вештачката интелигенција може да помогне и во скратување на листите на чекање, смета Протрка.

„Доколку се средат сите наши капацитети и сите можности, вештачката интелигенција е единствената вистинска алатка која може да ја доведе листата на чекање во ред. Се разбира, дел од одговорноста сè уште е на раководството и на персоналот“, заклучи Протрка.

Фото: AiTreat/Cover Images/INSTARimages.com / INSTAR Images / Profimedia