(Видео) КСС: К-15 за целиот јавен сектор, носење на закони по мерка на вработените и коректно социјално партнерство
Бобан Илијевски
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС денеска на прес – конференција го објави својот синдикален проглас кој се состои од неколку барања.
Како што истакна Претседателот на КСС, Благоја Ралповски нивните барања се:
„1. Вистинско почитување на законите со што работниците ќе ги остваруваат своите права без никаков политички притисок и ќе ја вратат довербата во правниот систем.
2. Безрезервно почитување на колективните договори за во иднина да не се соочуваме со мерки за притисок од наша страна како протести и штрајкови и играње со судбините на работниците во нашата држава преку популистички мерки.
3. Фер и коректено социјално партнерство со реален, а не со неформален социјален дијалог и потпишување на колективни договори со сите релевантни фактори со што ќе се докаже почитување на достоинството на работникот во нашата држава.
4. К-15 за сите, без исклучок дали се во реалниот или јавниот сектор, а Владата да биде предводникот и примерот за работодавците како се почитува работникот.
5. Од причина да се избегне хаосот во системот за плати кој што се направи во изминативе години со носење на популистички мерки КСС бара почитување на законот за минимална плата и како најголем синдикат во јавниот сектор бара носење на закон за систем на плати со кои децидно и детално ќе се опишат и оценат сите структури на дејности во јавниот сектор по примерот на соседните земји и на дел од земјите во Европската Унија.
6. КСС бара носење на закони по мерка на работниците без да се загрози бизнис секторот, пред се законот за работни односи, па и сите други закони во сферата кои што се од витално значење за работничките права, низ вистинска инклузивност на сите релевантни фактори во државата, а не водење на јавни дебати со одбрани здруженија од граѓанскиот сектор и избрани социјални партнери под изговор дека имаме инклузивност и сеопфатност, а всушност стоиме во место и ништо не е подобрено, и ниеден Закон кој што беа помпезно најавувани не е донесен.
7. Вклучување на синдикатите при контрола на инспекторатите, од причина што под товарот на политичкиот притисок во изминативе години, не велиме сите, но голем дел од нив носеа решенија по теркот на политичките моќници во Македонија.
За да се избегне сето ова, се разбира во договор со бизнис секторот и Владата, ние ќе предложиме модел во кој што синдикалните претставници ќе бидат присутни при контролата каде синдикатот има преставки само за да ја осигура непристрасноста и почитување на законот од страна на инспекторот, што не беше случај до сега.
8. Стоп за трансферот од јавен во приватен сектор за кој многу пати изгеговме низ улиците и успешно до сега се спротивставивме на таа политичка мерка за уцена на вработените во јавниот сектор, но очигледно е дека квази-синдикатите ја одиграа својата улога и сведоци сме дека во последните неколку дена сакаат да ја легализираат оваа мерка преку мала врата.
Бараме, наместо да се ставаат вработените на трансфер листа, за што според нашите дојави овој период, се делат на подобни и неподобни. Парите кои што ќе се дадат на бизнис секторот во цели две години да се пренасочат кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и да се донесе законско решение за предвремено пензионирање на сите што имаат полни 60 години, но со полн стаж.
Нашите анализи покажуваат дека годишно во Македонија имаме од 6% до 7% пензионирање во јавниот сектор, така што со проста математиката јавниот сектор со две- три генерации ќе биде намален од 25 до 30%.
Исто така бараме целосна дигитализација и рационализација на јавниот сектор, искрена и фер функционална анализа, преквалификација на одреден број вработени и враќање на кариерното унапредување со цел мотивирање на административните и јавните службеници, но не со оценување какво што го имаме досега, туку преку софтверско решение кое ќе биде дел од дигитализацијата во јавниот сектор со што ќе се направи фер пристап, а трудот на секој поединец ќе биде вреднуван според сработеното, а не по желба на раководителите и директорите.
9. КСС бара почитување на Законот за минимална плата и итно пристапување кон усогласување на платите во јавниот сектор, од причини што сега се случува уште поголем хаос, затоа што неколку позиции на носители на дејност веќе се израмнија со помошно техничкиот персонал, што секако е незаконско и противустано да се дозволат вакви порамнувања на платите токму таму каде што власта има надлежност, а надлежните да молчат и да не преземат никакви дејствија што е нивна должност, истакна Ралповски.
- ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА КОШНИЦА: Од денеска ќе се знае дали ќе се вратат на старо цените што еден месец беа намалени - 12/02/2025
- Грчките институции ги заштитуваат работниците на Санторини, ќе добијат отштета од 534 евра - 12/02/2025
- НАЈБОГАТАТА ЖЕНА ВО ЕВРОПА ЈА НАПУШТА СВОЈАТА КОМПАНИЈА – ИМПЕРИЈАТА ЈА СОЗДАДЕ ДЕДО Ѝ: Нејзиното богатство се проценува на 89 милијарди долари - 12/02/2025