СветСиндикат

Над 10.000 работници во Мадрид побараа крај на мерките за штедење и поголеми инвестиции во Европа

Додека лидерите на Европската Унија денеска се состануваат во Брисел за да разговараат за конкурентноста и дерегулацијата, повеќе од 10.000 работници од цела Европа се собраа во Мадрид со поинаква визија за иднината на Унијата – Европа изградена врз инвестиции, социјална правда, одржлив раст и квалитетни работни места за сите.

Учесниците на европската демонстрација под мотото „За квалитетни работни места, социјална правда и мир, против дерегулацијата и мерките за штедење“, организирана од Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), шпанските синдикати CCOO и UGT, се собраа во арената Висталегре во шпанската престолнина.

Демонстрантите ги повикаа европските лидери да се откажат од, како што велат, неуспешните политики на штедење и наместо тоа да го следат пристапот заснован на инвестиции, кој ја постави Шпанија на пат да расте трипати побрзо од просекот на еврозоната.

ЕТУК побара од европските институции:

  • Обезбедување фер плати, поттикнување на колективното договарање и сигурна иднина за сите работници;
  • Гарантирање дека секое работно место ќе биде квалитетно преку донесување на Закон за квалитетни работни места;
  • Запирање на дерегулацијата и заштита на работничките права;
  • Крај на мерките за штедење и зголемување на инвестициите во индустријата и јавните услуги;
  • Преземање мерки за обезбедување пристојно и достапно домување за сите;
  • Одбрана на мирот и меѓународното право.

Генералниот Секретар на ЕТУК, Естер Линч, порача дека европските лидери треба да престанат да ги следат барањата на големите корпорации за дерегулација и да го земат примерот на Шпанија.

„Шпанија стана најуспешната економија во Европа затоа што се откажа од неуспешните политики на штедење. Нејзиниот успех покажува дека поинаква Европа не само што е можна, туку е и неопходна за создавање раст, квалитетни работни места и силни јавни услуги“, изјави Линч.

Генералниот секретар на UGT, Пепе Алварез, истакна дека синдикатите нема да дозволат слабеење на работничките права.

„Нема да направиме ниту чекор назад. Не сме подготвени да го прифатиме таканаречениот 28-ми режим, кој претставува напад врз работничките права. Тој би ги ослабел синдикатите, колективното договарање и учеството на работниците, а би довел и до уште поголема нееднаквост во богатството“, рече Алварез.

Според генералниот секретар на CCOO, Унаи Сордо, демонстрацијата е значајна не само за Шпанија, туку и за цела Европа.

„Се мобилизираме за да ја нагласиме потребата од повисоки плати, посилни јавни услуги и ефикасни политики за домување. Проблемот со високите цени на домувањето не е ограничен само на Шпанија. Мерките што синдикатите ги издејствуваа во последните години денес претставуваат пример за остатокот од Европа и покажуваат дека политиките кои создаваат и штитат квалитетни работни места не само што се компатибилни со економскиот раст, туку и го поттикнуваат“, изјави Сордо.