ВИ презема сѐ повеќе позиции, но овие 5 вештини и понатаму не може да ги замени
Додека вештачката интелигенција (ВИ) го менува пазарот на трудот побрзо од кога било, експертите предупредуваат дека постојат способности кои машините сѐ уште не можат да ги копираат. Токму тие вештини би можеле да бидат клучот на успехот во претстојните години.
Вештачката интелигенција денес пишува текстови, анализира податоци, креира фотографии и им помага на компаниите да автоматизираат бројни процеси. Сепак, и покрај огромниот технолошки напредок, експертите предупредуваат дека постојат области во кои луѓето и понатаму имаат предност која машините не можат лесно да ја достигнат.
Како што ВИ сѐ повеќе се воведува во секојдневната работа, расте и прашањето кои вештини ќе останат највредни во иднината. Според мислењата на експертите, одговорот се крие токму во она што нѐ прави луѓе, пишува Kamatica.
Овие пет вештини ВИ сѐ уште не може да ги замени
Експертите издвојуваат пет способности кои остануваат исклучително важни без оглед на развојот на технологијата:
- Емпатија и разбирање на другите луѓе
- Критичко размислување
- Етичко носење на одлуки
- Решавање на конфликти
- Градење на меѓучовечки односи
Мариа Глин, извршна директорка на организацијата Jobs for the Future, смета дека токму овие вештини се најотпорни на автоматизацијата.
„Тоа се способности кои изискуваат човечко искуство, емоции и разбирање на другите луѓе, а тоа е нешто што технологијата сѐ уште не може да го репродуцира“, наведува таа.
Работодавачите ги бараат дури и во ИКТ секторот
Иако често се мисли дека техничките знаења се пресудни за модерните професии, сѐ повеќе компании бараат вработени кои покрај стручноста имаат развиени комуникациски и лидерски способности.
Поради тоа експертите овие особини ги нарекуваат „трајни вештини“, бидејќи ја задржуваат својата вредност без оглед на технолошките промени и развојот на пазарот на труд.
Со други зборови, програмирањето може да се научи, но способноста да го мотивирате тимот, решите конфликти и изградите доверба меѓу луѓето останува тешко заменлива.
Постои нешто што ВИ не може да го пружи
Особено е интересен примерот во здравствениот сектор.
Професорот на харвардската бизнис школа Марко Иансити објаснува дека вештачката интелигенција може да им помогне на здравствените работници така што ќе ги преземе административните задачи, но не може да го замени човечкиот контакт кој на пациентите им е често најпотребен.
Топлиот збор, чувството на сигурност, разбирање на стравот или пружањето поддршка во тешки моменти и понатаму останува во доменот на човекот.
Токму поради тоа многу експерти веруваат дека професиите кои подразбираат директна работа со луѓето и понатаму имаат огромна вредност.
ВИ и понатаму греши
Иако делува сѐ понапредна, вештачката интелигенција не е непогрешлива.
Експертите предупредуваат дека ВИ алатките можат да дадат неточни информации или одговори кои звучат убедливо, но не се базирани на факти.
Поради тоа способноста да се проверат информациите, критичкото размислување и донесувањето на самостојни заклучоци станува поважна од било кога.
Иднината им припаѓа на оние кои ги комбинираат знаењето и човечноста
Додека светот на работата забрзано се менува, сѐ појасно станува дека иднината нема да им припадне ни само на луѓето ни само на машините, туку на оние кои знаат како да ги спојат технологијата со особините кои ВИ не може да ги имитира.
Емпатијата, креативноста, довербата и способноста да се разберат другите луѓе стануваат можеби и највредниот ресурс во ерата на вештачката интелигенција. Токму затоа експертите порачуваат дека вложувањето во овие вештини денес може да биде една од најдобрите инвестиции во работата утре.
Извор: Bizportal.rs

