„На пензионерите треба да им се даде можност за вработување доколку сакаат и се работноспособни“, порача Мемов
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов учествуваше на Тркалезната маса – работна сесија – „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“ во организација на Комората на Северна Македонија за приватно обезбедување.
Целта на настанот, како што беше речено е актуелизирање на состојбата со работната сила во областа на приватното обезбедување и изнаоѓање на решение за нејзино подобрување.
Во своето излагање директорот Мемов нагласи дека Фондот на ПИОМ е институција која не креира политики во областа, но дава предлози како состојбите да се подобрат врз основа на искуството од работата.
„Сметам дека пензионерите кои сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Актуелната состојба на пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив. Во областа на приватното обезбедување тие навистина може да дадат придонес, бидејќи поседуваат големо искуство и ги имаат бараните вештини“, рече Мемов и додаде дека вработувањаето на пензионерите треба да се однесува само за вработувањата во приватниот сектор.
Тој појасни дека со законското овозможување на ангажирањето на пензионери ќе има троен бенефит.
„Со вработувањето на пензионерите работодавачите ќе имаат лица со кои ќе ги пополнат работните места и за кои ќе плаќаат придонеси. Со тоа корист ќе има државата, бидејќи ќе прибира средства за пензиско, здравствено осигурување и други давачки, а корист ќе имаат и самите пензионери, бидејќи ќе имаат и пензија и плата“, потенцира директорот на Фондот, Мемов.
Професорот д-р Лазар Јовевски рече дека ова е тема која е длабоко поврзана со опстанокот и иднината на државата. Тој додаде дека стареењето на нацијата е факт, а за решавање на проблемот има два начина.
„Едниот пат е увоз на работна сила, кој си има свои последици, а кои што ги гледаме од искуството во западните земји, а вториот пат е внатрешно да се реорганизираме и да ги надминеме недостатоците. Ако се договорат сите чинители дека ќе се оди по вториот пат“, додаде Јовевски, „тогаш ќе треба да се редефинира правно-економската регулаторна рамка со која ќе се овоможат нови решенија за вработување, и правила на пазарот на труд“.
Претедателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска нагласи дека секторот на приватното обезбедување се соочува со проблеми кои што поскоро треба да се решат. Таа изнесе повеќе примери од нашето окружувње каде што на пензионерите им е дозволено да се вработат и да ја задржат пензијата.
Учесниците на тркалезната маса потенцираа дека мора да се направат измени во законската регулатива што поскоро и со тоа да се обезбеди работна сила која ќе ги поплни празните работни места во секторот на приватното обезбедување.

