(ВИДЕО) Неделков: Платите во високото образование и наука ќе се зголемуваат за 10 %
Бобан Илијевски
Од септември платите на вработените во високото образование и науката ќе се зголемат за 10 %, а воедно ќе биде им биде исплаќан и минат труд, кој само некои од установите го исплаќале. Овие се дел од придобивките од новопотпишаниот Колективен договор за високо образование и наука, коишто ги посочи Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков, на денешната прес – конференција.
Имено, СОНК денеска му даде согласност на Независниот академски синдикат за да може да ги користи правата од Колективниот договор кој СОНК го потпиша со Министерството за образование и наука.
Неделков посочи дека вработените во високото образование и наука, согласно работата којашто ја извршуваат, биле едни од најниско платените во јавниот сектор, потенцирајќи дека со Колективниот договор тоа ќе се смени.
Ова е прв ваков документ во историјата на Република Македонија, посочи Неделков, потенцирајќи дека е од големо значење за сите вработени во дејноста високо образование и наука.
„Платите на вработените во високото образование и наука, со оглед на работата што ја извршуваат се едно од најниско платените во јавниот сектор, односно во државата. Во овој период, со овој Колективен договор, се обидовме максимално да издејствуваме толку колку што е возможно во овој момент и еве како што беше и претходно познато во јавноста, од септември 2021 година, платите на вработените во високото образивание и наука ќе се зголемат соодветно по работни места, за околу 10 – тина проценти. Исто така и во 2022 година ќе се зголемат платите“, рече Неделков.
Тој потенцираше дека дополнително платите ќе се зголемуваат и со усогласување врз основа на просечната плата на национално ниво.
Колективниот договор важи две години, со што после неговото истекување, ќе се зголемуваат платите согласно просечната плата.

