LinkedIn објави листа на најбарани професии – овој сектор особено се издвојува
Иако помладите генерации на глобалниот пазар на труд се соочуваат со големи предизвици и повисоки стапки на невработеност во однос на просекот, постои сектор во кој не само што доминираат, туку остваруваат и исклучително високи приходи. Станува збор за професиите поврзани со вештачката интелигенција (ВИ).
Најновото истражување на LinkedIn открива дека младите професионалци од генерацијата Z стануваат прв избор на работодавачите за некои од најбараните и најплатените позиции во областа на вештачката интелигенција.
Припадниците на генерацијата Z сочинуваат повеќе од две третини од сите нововработени на позициите Forward Deployed Engineer и AI Engineer, каде што просечните годишни плати изнесуваат импресивни 199.000, односно 166.000 долари.
Експлозивен раст на побарувачката и двојно повисоки плати
Истражувањето на LinkedIn покажува драматичен раст на бројот на огласи за работни места поврзани со ВИ.
По растот од 14 отсто меѓу 2023 и 2024 година, во следниот период е забележан скок на побарувачката од дури 156 отсто.
Кога станува збор за платите, просечната годишна плата за типична AI позиција изнесува околу 177.000 долари, што е повеќе од двојно во споредба со просечните плати за позиции без AI компонента.
Експертите објаснуваат дека компаниите се принудени да понудат високи плати за да привлечат врвни таленти.
Покрај тоа, овие позиции бараат и високо ниво на образование. Дури 91 отсто од вработените во AI секторот имаат факултетска диплома или повисоко образование, додека на водечките позиции значаен процент имаат магистерски или докторски дипломи.
Родовиот јаз и понатаму е присутен
И покрај големиот успех на младите во оваа област, податоците укажуваат на сериозна разлика кога станува збор за застапеноста на жените.
Жените сочинуваат само 26 отсто од нововработените во AI позициите, што е речиси двојно помал удел во споредба со другите индустрии, каде што сочинуваат околу половина од работната сила.
Како до работа во AI секторот?
За сите кои планираат да влезат во оваа брзорастечка индустрија, експертите на LinkedIn издвојуваат три клучни совети:
1. Компјутерските науки како влезница
И покрај промените на пазарот, дипломата од областа на компјутерските науки и понатаму претставува еден од најсигурните патишта до почетна позиција во AI секторот.
2. Практично искуство со податоци
Теоријата не е доволна. Работодавачите бараат кандидати кои знаат ефикасно да подготвуваат, обработуваат и применуваат податоци.
3. Работете на сопствени проекти
Доколку немате официјално работно искуство, развојот на сопствени AI проекти може да биде еден од најдобрите начини да креирате портфолио и да покажете знаење, иницијативност и практични вештини.
Извор: BIZLife

