Владата го легитимизира прекршувањето на работничките права, реагираат од „Гласен Текстилец“
Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ преку Фејсбук статус реагираше на вчерашната одлука на Владата која донесе препорака работодавачите да работат за време на празниците.
Со голема загриженост ја добивме веста дека Владата на седница одржана на 28.12.2023 година дава препорака до работодавачите, односно за деновите 31 декември и 1 јануари, како и 7 и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало,
стои во реакцијата на „Гласен Текстилец“.
Од Здружението велат дека работата на празник и во ден на неделен одмор, не се плаќа од мнизинството приватни фирми, поради што и Здружението дало особен ангажаман да има забрана за работа во недела.
Сведоци сме дека прекувремената работа, работата на празник и во ден на неделен одмор, не се плаќа од мнозинството приватни фирми. Гласен Текстилец даде особен ангажман да има забрана за работа во недела на огромен дел од дејностите, сепак владата сега им дава препорака на работодавачите да го кршат законот кој тие го донесоа, базиран на наши долгогодишни барања,
велат од Здружението.
Оваа влада, како што рекоа од таму, која е социјалдемократска, треба да тежнее кон просперитет и да биде блиска до работниците.
Оваа последна одлука е врв на нелогичност, на непочитување на работникот да биде за најголемите празници дома со семејството, да има право на одмор. Ова не ги одразува социјалдемократските вредности, напротив, како и многу пати до сега, да го бранат суровиот капитализам пред работничките права и работничкото достоинство.
Ги повикуваме да ја променат оваа несреќна препорака со која даваат ветер во грб на работодавачите да ги кршат законите и работничките права!
Ги повикуваме да ја повлечат оваа катастрофална одлука/препорака која е во интерес на работодавачите, но не и на работниците!,
посочија од „Гласен Текстилец“