- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

„Владата подлегнува под притисокот на капиталот“, апелираат синдикатите и здруженијата

Две третини - Работник
690views

Недела како неработен ден стана едно од најкомплексните прашања

Предлог законското решение за недела – неработен ден помина на првото читање на Комисијата за труд и социјална политика, по што се даде на второ читање.

Бобан Илијевски

Со овој Предлог – закон се одредува недела како ден за неделен ден за сите, со одредени исклучоци, односно за време на овој ден ќе можат да работат само дејностите каде што не може да се прекине работниот процес.

Според Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ова законско решение ќе овозможи баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на работниците.

Таа истакна дека анкетата на Сојузот на стопански комори, во која 70 % од компаниите – членки се изјасниле дека го прифаќаат ова законско решение е показател дека истото треба да се примени. Но, од друга страна, одредени компании, од кои најголемиот дел се големи, сметаат дека ова законско решение не треба да се примени, бидејќи ќе ја намали продуктивноста и ќе предизвика отпуштања на работници, додека Шахпаска истовремно тврди дека овој Закон би спречил отпуштања на вработените.

Според неа, Законот е прифатлив и за Организацијата на работодавачи на Македонија, посочувајќи дека се согласни околу надоместокот кој треба да се исплати на работниците коишто ќе работат во недела. Имено, недела како неработен ден ќе биде регулирано во два закони – Законот за работни односи и Законот за трговија, при што оние вработени коишто се водат под Законот за работни односи, а ќе работат во недела, ќе добиваат 50 % поголема дневница, а оние коишто се водат под трговија, ќе добиваат дневница поголема за 100 %.

Инаку, според Владата, недела ќе биде неработен ден за околу 92 % од работниците.

Синдикатите и граѓанските организации остро реагираат

Од Конфедерацијата на слободни синдикати вчера излегоа со соопштение, во кое меѓу другото, реагираа и на тоа што, како најголем синдикат во државата, не биле поканети на комисиската седница, потенцирајќи дека многупати во минатото не биле повикувани на состаноци коишто се од суштинска важност за работниците.

КСС ја демантираше министерката Шахпаска за тоа дека се сложиле со ваквата верзија на измените на ЗРО за недела да биде неработен ден.

Тие побараа да се организира јавна дебата на којашто јавно ќе ги искажат нивните ставови за тоа зошто не се согласуваат со ваквиот Предлог – Закон за недела како неработен ден.

„КСС уште на самиот старт реагираше по однос на ставот 3 дека се прави дискриминација со одредени дејности коишто според природата не можат да прекинат со работниот процес во поглед на другите работници коишто не се набројани во овие дејности, но очигледно преку карактер на помошни или придружни дејности и преку последната алинеја од членот 3 каде што стои и други дејности кои не се опфатени со овој став ќе треба да работат исто така во недела“, велат од КСС.

Според нив, преку бајпасирање на ЗРО и измена на Законот за трговија се дозволува работниците во трговијата повторно да работат во недела, што само по себе кажува дека Владата повторно подлегнува под притисокот на капиталот за сметка на трудот, дополнувајќи дека се повеќе се гласни работодавачите од градежниот сектор кои исто така бараат недела да биде работен ден, согласно можноста да работат и други помошни и придружни дејности.

Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, вчера излезе со Фејсбук статус во кој тврди дека ова законско решение е класична манипулација.

Од „Гласен Текстилец“ велат дека тие биле иницијаторот за недела да биде неработен ден, но според нив, сегашното законското решение не смее да биде донесено, поради тоа што се носи зад затворени врати, без никаква јавна расправа и без да биде вклучена стручната јавноста којашто е неопходна при носење на едно вакво важно законско решение.

„Имено, при донесување на првата нацрт-верзија на измените на Законот за работни односи беа опфатени 34 дејности кои ќе работат во недела, а во поднесените последни измени пред Комисијата за труд и социјална политика, се опфатени 41 дејност и сметаме дека се наведени дејности за кои не е неопходно работење во недела“, велат од „Гласен Текстилец“.

Тие се децидни дека недела треба да биде неработен ден за сите освен за дејности коишто се од есенцијален карактер, како здравството, полицијата, одбраната итн. Бараат трговските центри, рудниците и останатите дејности кои се наведени во самите законски измени да не работат, бидејќи, како што велат, нивната дејност сама по себе не е неопходна за работа во недела.  

„Во самите законски измени има празнина во делот на дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности, а кои ќе се уредуваат со посебен правилник од страна на Министерот за труд и социјална политика во рок од 60 дена по донесување на законот. Во тој правилник повторно можат да бидат додадени дејности, по притисок од капиталот, кој очигледно ги крои законите во нашата држава. Намерно се оставаат правни празнини во законското решение кои би се прецизирале во правилник во кој не смее да се регулира материја која треба да се реши со закон, а не со подзаконски правен акт “, истакнаа од „Гласен Текстилец “.

Во однос на работниците кои ќе работат во недела, од Здружението бараат да имаат задолжително право на користење на слободен ден во неделата, бидејќи тоа е Уставно загарантирано право, напоменувајќи дека пренесувањето на правото на користење на слободен ден во текот на наредната недела го губи правото на неделен одмор во тековната недела.

Тие реагираа и околу надоместоците за работниците кои ќе работат во недела.

„Предложените законски измени имаат низа на аномалии бидејќи за работа во недела е предложено работникот да добие додаток на работа од 50 %, за кое ние како Здружение сметаме дека треба да изнесува минимум 100 %“, велат од Здружението.

Во делот на прекршочната постапка, од „Гласен Текстилец“ сметаат дека при прекршување на законските одредби од страна на работодавачите за недела неработен ден, забраната за работа да се однесува на целокупното работење на работодавачите, а не само во работниот простор каде е утврдена неправилноста.

Според Владата ова законско решение треба да стапи во сила од 1 октомври 2021 година.