Вести

Од Владата велат дека само во 2022 бројот на поддржани компании вон Скопје е зголемен за 150 %, а луѓето од овие региони се иселуваат

Бобан Илијевски

Откако пред два дена напишавме дека Владата нема испратено одговори на прашањата за внатрешната миграција за кои, како редакција, ѝ дадовме рок да одговори до вторник, вчера од владината служба за односи со јавноста ни пристигнаа одговори.

Прашањата кои ѝ ги испративме беа следни: Факт е дека најголема концентрација на вработени имаме во Скопје, додека останатите региони се повеќе се празнат поради недостигот на внатрешна миграција. Дали и што Владата планира/спроведува во насока на поттикнување на внатрешната миграција како процес кој би помогнал да се развијат сите региони во државата?

Став околу внатрешната миграција побаравме и од Универзитетскиот професор и експерт за пазарот на труд, Димитар Николоски, од кого одговорите ги добивме навремено.

Во одговорот на Владата стои дека во 2022 година имало рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании – 410, по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Од таму велат дека бројот на компании, како и буџетот за поддршка расте од година во година од 2017, кога започнала оваа програма.

„Во 2021, во Законот за финансиска поддршка на инвестиции беа направени измени – се воведе афирмативна мерка со која компаниите добиваат дополнителен стимул за инвестирање во помалку развиените региони, односно, поголем процент на поддршка добиваат оние компании кои имаат инвестирано во помалку развиените плански региони“, посочија од Владата.

Владата на Р.М

Од Илинденска бр. 2 се пофалија дека расте бројот на компании кои инвестираат во помалку развиените региони.

„Само во 2022 година бројот на поддржани компании надвор од Скопје е зголемен за 150 %, а во 2021 година, бројот на поддржани компании кои инвестирале во помалку развиените региони бил 93 компании, додека бројката во 2022 година достигна 232 компании“, се наведува во одговорот на Владата и се додава дека истата година, 69 % од вкупната финансиска поддршка била распределена во помалку развиените региони или 67 % од поддржаните компании инвестициските проекти ги реализирале во овие региони.

Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, објаснија од Владата, спроведуваат две буџетски програми за развој на планските региони и на општините, како и за надминување на постојните диспаритети меѓу и во планските региони.

Бирото за регионален развој, велат од таму, преку Буџетската програма за рамномерен регионален развој финансира проекти во насока на развивање на осумте плански региони.

„Средствата се обезбедени во Буџетот на државата, а се финансираат проекти кои се адресирани како приоритетни од Советите на планските региони во коишто членови се градоначалниците на општините од соодветниот плански регион. Проектите ги подготвуваат и аплицираат Центрите за развој на 8 плански региони“, истакнаа од Владата.

За средствата од Буџетот кои ги добиваат планските региони, од Владата велат дека се распределуваат по основ на тоа колку е развиен одреден регион. Со тоа, најмногу средства одат кај најмалку развиените, а најмалку кај најразвиените региони, како што е Скопскиот.

Од таму напоменаа дека преку оваа програма се финансираат и проекти за развој на селата, на урбаните подрачја, како и на подрачјата со специфични развојни програми, коишто ги подготвуваат и аплицираат општините.

„Министерството за локална самоуправа ја имплементира Програмата за надминување на диспаритетот во и меѓу планските региони и за зголемување на конкурентноста, на која со проекти можат да аплицираат општини, институции и граѓански организации“, велат од Владата, потенцирајќи дека програмите се годишни, а тоа значи дека проектите се финансираат секоја година по претходно објавен јавен повик.

Од Буџетот на Македонија во 2022 година, од овие 2 програми биле финансирани 150 проекти во вкупна вредност од 900 милиони денари.

За 2023 година сѐ уште трае постапката за оценување на проектите со кои што за средства од овие две програми имаат аплицирано Центрите за развој на планските региони и општините, информираат од Владата.

Универзитетскиот професор Димитар Николоски со нашата редакција сподели еден графикон, според кој, како што објаснува, може да се забележи дека регионалните разлики во платите во региони се најниски, потоа следува продуктивноста, а најголеми се разликите во невработеноста.

„Тоа значи дека висината на платите не преставува значаен фактор за внатрешната миграција со исклучок на Скопскиот регион кој отскокнува во однос на останатите, вели Николоски.

Опортунитетниот трошок за преселба на друго место на живеење и работење, појаснува тој, е многу поголем од разликата во платата која би се постигнала со преселбата. „На ова треба да се додаде и релативно неразвиената патна/железничка инфраструктура која оневозможува полесна мобилност“.

Врз основа на ова, неговиот заклучок е дека за многу работници, надворешната миграција е повеќе атрактивна отколку внатрешната.  

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk