- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Владата ја усвои Програмата за економски реформи 2021-2023

38,683 денари- Работник
67views

Владата ја усвои тригодишната стратегија за структурни реформи – Програма на економски реформи (ПЕР) 2021-2023, соопшти Министерството за финансии. Програмата, чија подготовка ја координира Министерството за финансии, ја содржи среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и структурните реформи што треба да се спроведат, а кои се утврдени преку заеднички дијалог со Европската комисија.

Како што наведува во соопштението, овoj стратешки документ e исклучително важен дел од пристапниот процес кон Европската Унија.

Advertisement

Во Програмата за економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни мерки (реформски области), кои треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

Од аспект на реформата на пазарот на енергија и транспортот предвидени се мерки за зголемување на конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, промоција на обновливи извори на енергија, подобрување на енергетската ефикасност и имплементација на интелигентен транспортен систем долж паневропскиот Коридор 10.

Advertisement

Во насока на развојот на земјоделскиот сектор предвидени се мерки за подобрување на системите за наводнување, консолидација и дефрагментација на земјоделско земјиште, формирање земјоделски задруги и подобрување на пристапот до обработливите земјоделски површини.

Програмата предвидува и мерки насочени кон подобрување на деловното окружување и намалување на неформалната економија. Од аспект на подобрувањето на деловното окружување се предвидува рационализирање на парафискалните давачки и формирање единствен регистар за истите, понатаму формирање на електронски пазар за набавки од мала вредност и поддршка на новоосновани мали и средни претпријатија во помалку развиените региони. Во насока на намалување на неформалната економија ќе се преземат механизми за поттикнување на регистрираните економски активности и трансакции и со фокус на секторите, каде има најголема веројатност за непријавена работа.

Мерките со кои ќе се поддржи истражувањето, развојот и дигиталната трансформација опфаќаат проширување на опсегот на услуги на националната платформа Е-услуги, како и  подобрување на соработката меѓу академската заедница и индустријата.

Во делот на регионалната економската интеграција се опфатени мерки насочени кон поедноставување на прекуграничните инспекциски и царински процедури и зајакнување на внатрешниот пазар во земјата.

Понатаму, ПЕР предвидува активности за подобрување на резултатите од образовниот процес и намалување на неусогласеноста на вештините и квалификациите со потребите  на пазарот на работна сила.  Истовремено, ќе се работи и на спроведување на новиот Закон за социјална заштита, особено во поглед на најранливите категории граѓани, како и поголема активност на работоспособното население. Во оваа Програма првпат се вклучува здравствениот сектор, каде се предвидени активности за подобрување на здравствената заштита на населението.

ПЕР 2021 – 2023 ќе се достави до Европската комисија до крајот на јануари 2021 година. По доставувањето, таа ќе биде оценета од страна на ЕК. На крајот, ќе се спроведе дијалог во рамките на Советот на ЕУ со министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите – кандидати за членство од Западен Балкан и Турција. Резултат на дијалогот е донесување заеднички заклучоци врз основа на оценката на ПЕР, со што се даваат препораки за подобрување во економските политики, со цел забрзување на економската конвергенција, зголемување на конкурентноста на деловниот сектор и отворање нови работни места.

Advertisement