„Во АВРМ има невработени кои не бараат работа или не се јавуваат на огласите за работа“ – Работодавачите бараат да се прочисти списокот
Работодавачите продолжуваат да инсистираат дека е потребно да се прочисти списокот на невработени во Агенцијата за вработување, за да се добие точна слика за тоа колку невработени реално бараат работа.
Согласно последните податоци на Агенцијата од март месец оваа година, 95.575 лица се водат како невработени, а 44.504 како други лица кои бараат работа.
Од Организацијата на работодавачи (ОРМ) веќе ни кажаа дека Владата најавила изработка на електронски регистар за приматели на социјална помош, со кој конечно ќе треба да се стави крај на злоупотребата на социјалната помош.
Ангел Димитров, Претседател на Собранието на ОРМ во изјава за порталот Работник рече дека освен оваа најава, нема други информации за тоа што се прави за да се прочисти списокот на невработени.
Факт е дека таму има голем број на работници кои не бараат работа или не се јавуваат на огласите за вработување. Друг проблем е што 62% од оние кои се водат како активни баратели на работа имаат завршено основно образование или пак се без образование. Дали овие луѓе работат на црно или работат на сопствените фамилијарни земјоделски стопанства, може само да нагодуваме, но со поврзување на сите јавни институции и нивна подобра соработка, сигурно дека можеме да го решиме овој проблем, рече Димитров.

