Во Македонија се крадат во просек по 50 часа од прекувремната работа, вели Митровски
Роберт Митровски, Претседател на Синдикатот за угостителство и туризам вели дека работното време во угостителскиот сектор во Македонија треба да се регулира слично како што е во Хрватска.
„Во Хрватска работиш шест дена, од кои два дена работиш по шест часа, за да работната недела испадне точно 40 часа, како што е според Колективниот договор“, рече Митровски и објасни дека таму во понеделник и среда се предвидени шест работни часа и плус тие два часа вишок, со што испаѓаат точно 40 часа.
Парите од прекувремената работа се исплаќаат во платата
Во месеците кога има работа, согласно Колективниот договор, може да се работи максимум 60 часа неделно. Па така, ако во понеделник и среда се работи по 10 часа, тоа значи дека се работи прекувремено.

Парите заработени од прекувремената работа, како што објаснува Митровски, компаниите ги акумулираат и на крај ги исплаќаат во платата.
На вработените им се крадат во просек по 50 часа
Во Македонија, појаснува тој, се работи шест дена и се работи по минимум осум часа.
„Јас лично сум работел по осум и повеќе часа, а за свадби од 10 – 12 часа и можам да потврдам дека на угостителите им се „крадат“ во просек по 50 часа од прекувремената работа, што значи дека не им се платени“, вели Митровски.
Го прашавме и за тоа кој според него е најдобриот начин да се евидентира работното време, на што тој одговори дека најдобар начин бил оној стариот кога се евидентирале со едно парче коешто наликувало на картон во механичка направа за евидентирање. Смета дека електронската евиденција не е добра идеја оти има несовесни работодавачи кои ќе најдат начин како да ја злоупотребат.
И административците заминуваат на работа во Хрватска
На прашањето дали оваа година е зголемен бројот на работници кои бараат поддршка од синдикатот при заминување во Хрватска, Митровски истакна дека се зголемува бројот на луѓе кои се заинтересирани да заминат на сезонска работа во оваа држава.
Интересен е податокот што и голем дел од луѓето вработени во јавната администрација преку лето заминуваат на работа во Хрватска. Како што објасни Митровски, тие земаат неплатен одмор од три месеци за да спечалат некоја пара плус како сезонски работници во земјата на јадранското крајбрежје.
Тој потсети дека со Меморандумот кој СУТ минатата година го потпиша со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска на работниците кои ќе одат да работат таму, ќе им се овозможи да бидат вработени во угостителски компании каде што се почитуваат работничките права и со коишто хрватскиот синдикат има потпишано Колективен договор.
Нему воопшто не му е мило што голем број на работници заминуваат од Македонија за да работат во друга држава, но вели оти ги разбира бидејќи и тој од лично искуство знае дека работничките права во Македонија се прекршуваат, а тоа ги тера работниците да побараат подобри опции за егзистенција.
Фото: Freepik

