- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Во март раст од 2,1 % на трошоците на живот и од 2,6 % на цените на мало на годишно ниво

Се поскапиот - Работник
217views

Трошоците на живот во март во однос на февруари годинава се зголемени за 0,5 отсто, а цените на мало за 0,6 отсто, додека во однос на март лани бележат зголемување од 2,1 отсто, односно од 2,6 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Пораст на трошоците на животот во март 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 3,5 отсто, свежото и разладеното овошје за 2,1 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за еден процент, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 0,4 отсто, месото и жестоките пијалци за 0,2 проценти.

Во март, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е регистриран и кај собирањето на отпадните води за 8,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,4 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 6,8 проценти, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,8 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 5,5 отсто, моторните возила за 3,0 отсто, гасот за домаќинствата за 2,3 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за седум отсто, снабдувањето со вода за 0,5 отсто, мебелот и покуќнината за 0,3 проценти, материјалите за одржување и поправки на станот, теписите и другите подни покривки, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот во март во однос на февруари е забележано кај рибата и морските плодови за 0,6 отсто и конзервираното овошје за 0,3 отсто. Исто така, намалување на трошоците на животот е регистрирано и кај медиумите за снимање за 0,9 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,7 отсто, обувките за 0,5 отсто, домашните миленици и сродните производи за 0,4 отсто и облеката за 0,2 отсто.