„Главната измена на менталитетот на почитување на законите во пракса, за жал, сѐ уште не е донесена“
Подготвил: Бобан Илијевски
Откако Владата најави увоз на работна сила и олеснување на процедурите за странците во процесот на добивање работна дозвола, Законот за вработување и работа на странци, на еден начин, го привлече вниманието на редакцијата на порталот Работник.
Токму поради тоа, се обративме до Универзитетскиот професор по трудово право и експерт во областа, Проф. Д-р. Лазар Јовевски и од него побаравме да ни даде еден краток осврт на овој Закон.
Според Јовевски, Законот за вработување и работа на странци е релативно добро законско решение.
На прашањето колку истиот е европски, односно е усогласен со стандардите на Европската унија, Јовевски одговори:
– Секако, македонското законодавство е во насока на хармонизирање со европското, па така и Законот за странци ќе биде потребно дополнително да се усогласува во таа насока, но согласно околностите на македонскиот пазар на труд.
Професорот објасни дека Законот ги утврдува условите и постапката под кои странците можат да се вработуваат или да работат во Република Македонија, а и го уредува и прашањето во однос на квотите на работни дозволи.
– Сето тоа е во насока на заштита на домашниот пазар на труд кој е карактеризиран со голема стапка на невработеност. Тоа е важно, бидејќи секоја држава има одговорност пред сопствените граѓани – нагласи Јовевски.
Во 2021 беа направени измени на овој Закон, па водејќи се од тоа, следно што го прашавме експертот по трудово право беше колку овие измени успеаја во тоа да ги отстранат неговите слабости.
Фокусот на измените на Законот беа членовите 7,9 и особено членот 16, кој се однесува на регистрацијата на почетокот и завршувањето на работата која ја извршуваат странци.
– Сега е подетално уреден, односно се остава помал простор за постоење на недоречености. Дополнително, постапката за пријавување на работата на странец со кој се заснова работен однос, сега може да се изврши и електронски, доколку работодавачот поседува дигитален сертификат, што дефинитивно го олеснува овој процес – објасни Јовевски.

Со измените се овозможува и поголема мобилност на странските работници, од еден во друг правен субјект, во Македонија, на иста или повисока работна позиција доколку станува збор за ист работодавач.
Сепак, овие измени не се доволни, бидејќи главната измена која се состои во унапредување на менталитетот на почитување на законските прописи, сѐ уште не е „донесена“.
Јовевски констатира дека една од најголемите слабости на овој Закон е неговото непочитување во пракса.
Фото: Приватна архива

