МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Гласен Текстилец: Бараме ист третман на вработените во приватниот сектор со тие од јавниот

115views

Здружението “Гласен Текстилец” реагираше на обвинувањата на Сојузот на синдикати на Македонија дека поради Здружението вработените во јавниот сектор кои ср заразени не успеале да добијат 100 % боледување. 

Реакцијата на Гласен Текстилец ви ја пренесуваме во целост:

Почитувани, Би сакале да разјасниме во врска некакви обвинувања кон Гласен Текстилец. Сведоци сте дека се трудиме да направиме промени во приватниот сектор, зборуваме и реагираме за злоупотреби и прекршувања на права на вработените во приватниот сектор, особено на оние од индустријата за текстил, кожа и обувки.

Гласен Текстилец изминативе години докажа и покажа дека е на страната на работниците без разлика на тоа што сме само невладина организација односно здружение на граѓани. Потенцираме дека како здружение најважна ни е солидарноста и затоа бараме вработените од јавниот и приватниот сектор да бидат еднакво третирани, согласно ратификуваните конвенции и Уставот како највисок орган. Од почетокот на оваа криза предизвикана од пандемијата на Ковид – 19, здружението Гласен Текстилец дава апели, препораки, ја следи состојбата на терен, дава бесплатна правна помош и прави анализи кои ги приложува до Владата, надлежните министерства и соодветните институции од областа на заштитата на човековите и работничките права. Здружението Гласен Текстилец и Кристина Ампева како лице-застапник во истото здружение, има редовни состаноци со Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат на трудот, Инспекцискиот совет, Сојузот на синдикати на Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тие состаноци се со цел укажување на нерегуларности на одредени работодавачи, ситуации од терен, толкување на заклучоци, препораки, мерки и уредби кои беа донесени за време на оваа пандемија која ја зафати нашата земја. Вчера, на еден од тие состаноци кои редовно се одржуваат, од причина непозната за нас, имавме недоразбирање со Сојузот на синдикати на Македонија. Очигледно, недоразбирањето било поради нивната претпоставка дека ние како здружение сме против донесениот заклучок за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100% од плата за јавниот сектор. Нашите заложби беа (и сеуште се) единствено во насока вработените од приватен сектор да ги уживаат истите права како и вработените од јавниот сектор – и затоа сме против донесување само на “препорака” за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100% во приватниот сектор (наша заложба е дека тоа треба да биде во вид на заклучок или измена на легислативата).

Затоа укажавме дека е потребно да се донесе заедничка одлука за јавен сектор и приватен сектор без оглед на тоа дали ќе се толкува Закон, уредба или заклучок или тоа ќе биде направено преку измена на општиот колективен договор. Поради сите овие очигледни недоразбирања со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), доцна вечерва имавме разговори и со Милан Живковиќ, специјален советник на Премиерот за трудова и социјална политика, кој не’ увери дека солидарноста е приоритет на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Затоа во наредниот период ќе се работи на заедничко решение кое ќе биде согласно заложбите на Владата и концептот “Едно општество за сите”. Во овој период, во една ваква кризна состојба, за време на социо-економска и здравствена криза, потребна е солидарност и заедништво, потребен е социјален дијалог меѓу сите страни од кои мора да се извлечат поуки и конструктивни решенија во кои ќе нема поделби, туку социјална правда, согласно Уставот и заложбите на нашата Влада.

И затоа ги повикуваме колегите од ССМ повторно да седнеме и заеднички да ги решиме недоразбирањата што настанаа на претходниот состанок.