Глумат дека се борат за правата…
Автор: Бобан М. Илијевски
Политичките партии во Македонија отсекогаш одбирале сервилни синдикати како партнери во преговорите. Има случаи каде што раководството на одренеден синдикат може да се види на разни конгреси и собиранки на политичките партии, што според мене не е во ред. Сметам дека раководството на еден синдикат треба јасно да се дистанцира од оваа пракса, бидејќи целата таа слика остава впечаток дека тој е премногу близок со одредената политичка партија.
Не велам дека синдикатите не треба да имаат комуникација и средби со партиите, но сето тоа треба да остане во рамките на професионална интеракција заради разменување на ставови околу проблемите на работничката класа и потенцијалните решенија.
Како и што реков на почетокот, партиите кај нас избираат некој што нема да ги критикува кога ќе треба и кој е подготвен да ја свитка кичмата кога тоа ќе му биде наложено од нивна страна. Таквите синдикати се и причината поради која работниците, особено од приватниот сектор, не веруваат во синдикално организирање. И кога сме кај приватниот сектор, одредени синдикати работат против интересите на своите членови, од кои земаат по 150 – 200 денари членарина, со тоа што потпишуваат спогодби истите воопшто да не земат К-15, не им излегуваат во пресрет кога најмногу им требаат итн.
Дополнително, мислам дека е лошо што синдикалните организации на ниво на работодавач не се правни лица, па не можат да направат ништо без гранскиот синдикат. Во дел од случаите, гранските синдикати се ангажираат и им помогнат, но за жал, некои работат во прилог на работодавачите.
Значи, имаме т.н. синдикати кои се привезок на политичките партии, но и такви кои работат против интересите на работниците, поради кои имаме ниска доверба кон синдикатотот како организација која треба одлучно да ги брани работничките права.
Колумната не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник