Годишниот одмор го намалува ризикот од прерана смрт – Се препорачуваат три недели годишно
Во Босна и Херцеговина и поголемиот дел од европските земји работниците минимално имаат 20 дена годишен одмор, четири имаат 25, а клиничкиот психолог од Хрватска Леа Маричиќ наведува дека истражувањата покажуваат дека оние кои редовно одат на годишен одмор го намалуваат ризикот од прерана смрт за околу 20 %.
„Квалитетниот одмор е од големо значење за отстранување на токсините од телото, ревитализација на организмот, за нашето физичко и психичко здравје. Без разлика дали согоруваме на работното место или сме под голем стрес, годишниот одмор значајно ќе ги намали овие симптоми“, рекла Леа Маричиќ, клинички психолог од „Андрија Штампар“ во Загреб.
Истражувањата покажуваат дека оние кои редовно одат на годишен одмор го намалуваат ризикот за прерана смрт за 20 %, навела таа.
Освен тоа, ги намалуваат ризиците и од срцев удар, но и од други тешки здравствени проблеми како метаболички синдром. Погодностите од годишниот одмор се рефлектираат на подоброто расположение, нивото на енергија, општото задоволство, здравјето и нивото на напнатост.
„Според истражувањата за ефектите од годишниот одмор, поголемиот дел од работниците започнуваат да се опуштаат и се чувствуваат како да се на годишен одмор дури по седмиот, осмиот ден“, порачала Маричиќ и додала дека дури потоа започнува процесот на одморање.
Поради тоа, како што вели, две недели одмор се некаков минимум под кој не би требало да се оди.
„А три до четири недели одмор во континуитет се оптимални за психосоцијално заздравување на работниците и поголема продуктивност“, истакнала таа.
Ако тоа не е можно, и одморите во облик на кратки рекреативни патувања доведуваат до раст на когнитивната флексибилност, важни когнитивни карактеристики кои на луѓето им помагаат во извршувањето на сложени задачи, вели Маричиќ.
Законски минимум од 20 дена годишен одмор
„Позитивните ефекти од редовните кратки одмори можат да послужат како замена за годишниот одмор, но само привремено. На пример, едно кратко, тридневно патување може да ја намали перцепцијата за стрес и да го намали нивото на кортизол, хормон кој е одговорен за стресот“, наведува таа.
Во Македонија, правото на годишен одмор е дефинирано во Законот за работните односи, а на работниците им следуваат минимум 20 работни дена. Истиот може да се продолжи до 26 работни дена.
Земајќи ја предвид петдневната работна недела, повеќето европски земји се држат до законскиот минимум од 20 дена. Во Норвешка работниците имаат еден ден повеќе, Шпанија и Португалија минимално 22 додека најмногу денови годишен одмор уживаат вработените во Шведска, Австрија, Данска и Франција – пет недели, односно 25 дена.
За оние кои работат шест дена неделно, тоа се дури 30 дена. Заедно со државните и верските празници, овој број расте. Работниците во Турција имаат најмалку денови на платен одмор, само 14.
Студијата која ја потврдува поврзаноста помеѓу подолгиот живот со користењето на годишен одмор спроведена е во период од 40 години во Хелсинки. Истражувачкиот тим од 1974 и 1975 година следел две групи на здравствени податоци од 1,222 средовечни мажи на менаџерски позиции, од кои секој имал барем по еден фактор на ризик за кардиоваскуларна болест, како пушење, дебелина, висок крвен притисок или холестерол.
Три недели одмор за подобар живот
Во една група мажите работеле на себе, вежбале, здраво се хранеле, престанале да пушат…
Втората група не добила никакви упатства, а истражувачите во двете прибирале податоци за нивната работа, спиење, одмор.
И покрај здравиот начин на живот, мажите во првата група имале поголема стапка на смртност. Изолирајќи една подгрупа, било воспоставено дека одговорот лежел во користењето на годишниот одмор и дека оние кои користеле помалку од три недели одмор годишно имале 37 % поголема веројатност да умрат порано.
„Немојте да мислите дека здравиот начин на живот ќе ја надомести преработеноста и не одењето на одмор. Најмалку три недели одмор годишно веројатно ќе ви помогне да живеете подолго“, нагласил професорот Тимо Страндберг од Универзитетот во Хелсинки, претставувајќи ја студијата, на која и самиот работел, пред неколку години пред Европското кардиолошко друштво.
Истражувањето на Герард Штраус – Блаше и колегите од Медицинскиот факултет во Виена во кое учествувале 53 вработени во една австриска компанија, покажало дека испитаниците чувствувале помалку физички тегоби, подобар сон и подобро расположение и пет недели по одморот.
И професорот по јавно здравство на Универзитетот Syracuse, Брукс Б. Гамп и здравствениот психолог, Карен А. Метјус од Универзитетот во Питсбург во својата студија, анализирајќи ги податоците на преку 12,000 мажи кои биле дел од испитувањето на повеќе фактори на ризик, ја утврдиле поврзаноста на годишниот одмор и помалата стапка на морталитет.
„Се чини дека почестите годишни одмори имале директно позитивно влијание на смртноста. Иако специфичниот механизам на оваа поврзаност останува непознат, откритијата упатуваат на важноста на здравствените придобивки од одењето на одмор. Одморот може не само да биде удобен, туку и во служба и промоција на здравјето“, заклучува студијата.
Извор: Н1
Фото: Shutterstock
- Како да ги зголемите шансите за наоѓање работа преку LinkedIn профилот?| Изабела Шкоф, Советник за развој на кариера [ВИДЕО] - 24/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: Што значи прекувремена работа? - 23/04/2025
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025