ГРАДЕЖНИШТВОТО ОДЗЕЛО НАЈМНОГУ ЖИВОТИ НА РАБОТНИЦИ ВО 2024 ГОДИНА – Еве во кои дејности имало најмногу повредени
Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) регистрирало 133 несреќи при работа во текот на минатата 2024 година, стои во извештајот за несреќи при работа кој, започнувајќи од 2008 година, здружението го објавува секоја година на 27 април – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Од МЗЗПР напоменуваат дека оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место.
„Според податоците кои успеавме да ги прибереме и систематизираме, 15 потешки несреќи на работното место беа со фатални последици. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,45 на секои 100,000 вработени, 2 до 3 вработените гинат на работното место во 2024 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пораст споредбено со претходната 2023 година, кога изнесувала 2,16“, се наведува во извештајот.
Кога како параметри ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2024 година изнесува 16,76, што покажува дека на секои 100,000 вработени, потешко се повредуваат околу 16 до 17 вработени. Согласно овие податоци, стапката на повреди во 2024 година е поголема од онаа во 2023 година.

Повреди и смртни случаи според градови
Според податоците на МЗЗПР, од вкупно 34 градови, во 23 од нив се случиле несреќи. Најголемиот дел од нив се случиле во Скопје, по што следуваат Битола и Прилеп.

Несреќи според дејност
Најмногу несреќи при работа во 2024 година се случиле во дејноста Јавна управа и одбрана – 26. Во преработувачката индустрија има 25 и Градежништво – 22. Најголем број на несреќи кои резултирале со смрт има во дејностите на градежништвото и транспорт и складирање по 4 и дејностите на домаќинства како работодавачи – 3.
Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти, велат од МЗЗПР, додавајќи дека доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се препишале на дејноста земјоделство.
„Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа“, се истакнува во извештајот.

Според извештајот, најмногу несреќи, гледано според ден, се случувале во вторник, а според месец, во јануари. Најголем број на несреќи доживеале лица на возраст од 55 до 64 години. Гледано според пол, најмногу несреќи при работа во 2024 година доживале мажи.




Дополнително во Извештајот, МЗЗПР сподели и табела на забележани несреќи од другите институции, како Државниот инспекторат за труд и Институтот за јавно здравје.

Целта на МЗЗПР е да државата сериозно да го сфати проблемот со несреќите при работа и да презема мерки за тие да се намалат.