Грција „кука“: Ќе ѝ бидат потребни два милиона работници
Грција во наредните десет години ќе има потреба од дополнителни два милиона работници, при што една четвртина ќе бидат висококвалификувани кадри.
Според националниот статистички завод, Грција веќе се соочува со недостиг на работна сила, од околу 200.000 работници. Демографските предизвици се сè поочигледни, а масовното заминување во пензија се заканува да ги наруши продуктивноста и социјалното осигурување. Истовремено, економскиот развој отвора нови работни места.
Новите работни места ќе бараат висококвалификувани кадри со дипломи и докторски титули за улоги како аналитичари на податоци, специјалисти за машинско учење, софтверски инженери, креатори и техничари за автоматизација.
Овие индустриски области и работници се особено важни за грчката економија, бидејќи ќе ја зголемат динамичноста и конкурентноста, правејќи ја економијата поотворена кон странство, пишува весникот Катимерини. Се очекува дека ова фундаментално ќе го промени производствениот модел, ќе поддржи иновации и ќе помогне во задржувањето на квалификуваните кадри.
Двојната закана од масовно пензионирање и потребата за нови квалификации претставува значителен ризик за економијата. Стручњаците предупредуваат дека само сеопфатен сет мерки може да го пополни предвидениот недостиг на работна сила.
„Коегзистенцијата на слободни работни места и невработеност значи неискористен БДП и неискористен човечки капитал“, вели Константинос Аграпидас, генерален директор за работни односи во Министерството за труд на Грција.
Според него, успешно справување со оваа промена во работната сила може да го зголеми приходот, потрошувачката, продуктивноста и извозот, истовремено намалувајќи го притисокот врз јавните финансии и пензискиот систем.
Предложените мерки вклучуваат искоренување на родната нееднаквост на работното место, обука и преквалификација на постарите работници. Недостатокот може да се реши и со привлекување висококвалификувани работници од странство, интеграција на мигрантите кои веќе се во Грција или нудење стимуланси за враќање на Грците од странство.
Аграпидас додава дека таквите политики би можеле да пополнат најмалку 100.000 работни места и да го зголемат БДП за најмалку еден процент.

