Колумни

Дали конечно ќе ја сфатиме значајната улога на вработените во маркетите?

Додека некои заработуваат двојно - Работник
2.03Kviews

Автор: Бобан Илијевски

Од есенцијална важност за нас во оваа криза, покрај здравствените работници, полицијата, армијата, новинарите и медиумските работници, се и вработените во маркетите и продавниците кои секојдневно на ризик го изложуваат своето здравје за да не услужат и да ни ги пружат основните производи без кои не можеме да опстанеме. Овие работници кои се на првата линија на фронотот и покрај стравот за сопственото здравје, како и здравјето на нивните најблиски, истрајуваат во битката против овој невидлив непријател кој ја зафати речиси целата земјина топка.

И покрај тоа што тие се на правата линија на фронотот, голем дел од нив се многу малку платени за ризикот на кој секојдневно се изложуваат, додека пак другата страна на монетата е тоа што и луѓето не покажуваат разбирање кон нив. Тие се постојано предмет на навреди, омалажувања и притисоци од страна на одредени купувачи. Ова не е отсега, туку од многу одамна. Не го велам ова на празно, зборувам од искуство. Пред неколку години, за време на еден летен распуст додека студирав, работев во еден голем маркет како помагач на касиерките. Односот на купувачите кон нив, но и кон другите вработени во маркетот навистина ме запрепасти. Имаше една ситуација кога маркетот беше речиси празен, но одеднаш се создаде гужва. Во тој момент само една каса работеше, па се направи долга редица. Еден од купувачите и се развика на касиерката поради тоа што не беа пуштени другите каси и и се закани дека ќе му каже на сопственикот на маркетот дека имал вработено „неработници“. Овој човек беше само еден од низата на луѓето со „лош македонски менталитет“ кои им се закануваа и ги прекоруваа вработените во маркетот. А, можете да замислите колку е само напорно кога стотици луѓе дневно поминуваат низ касите. Секој со својот карактер и со своите манири.

Можеби нивната значителна улога во текот на пандемијата на Ковид – 19 ќе им покаже на овие луѓе колку вработените во маркетите и продавниците имаат важност во нашето општство. Тие ја покажаа и секојдневно ја покажуваат нивната храброст и одлучност да излезат во пресрет на нашите потреби. Многумина рекоа дека за време на пандемијава ќе сфатиме многу работи, ќе застанеме и ќе подразмислиме за нашите постапки. Се надевам дека ќе биде така и дека конечно ќе се освестиме.

Во САД веќе има неколку жртви на корона вирусот коишто работеле во маркети и продавници. Тамошниот синдикат вината ја гледа во невнимателноста на луѓето коишто пазаруваат. И кај нас се многу невнимателни. Не се почитува мерката за држење на дистанца од два метра додека се чека на каса, ниту пак во процесот на пазарување низ маркетот, па затоа сопствениците на маркетите и продавниците беа принудени да најмат луѓе коишто ќе се грижат за тоа да се направи ред на луѓето кои влегуваат и кои излегуваат од маркетите. И оваа постапка не им одговара на одредени луѓе, но според мене е многу правилна. Точно е дека примарна цел на сопствениците на маркетите и продавниците е да ги услужат купувачите, но воедно нивна цел е да ги заштитат вработените, затоа  што тие на крајот на денот им носат профит.

Поради ова треба да бидеме праведни и да ја почитуваме жртвата на овие работници коишто ја поднесуваат за да не услужат нас. Да ги почитуваме мерките за дистанцирање едни од други и да го поправиме односот кон нив, бидејќи како и здравствените работници, припадниците на полицијата и армијата и вработените во маркетите и продавниците се наши херои коишто заслужуваат повисоко место во општеството иако многу од нив не се со факултетска диплома. Сепак, понекогаш искуството знае да биде многу повредно и од самата диплома. Голем дел од вработените во маркетите и продавниците се пример за тоа.

Ова писание го посветувам на нив – на вработените во маркетите и продавниците, на оние коишто и покрај тоа што се постојано под разни притисоци, храбро ги извршуваат своите работни задачи.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник