- Advertisement -
Новости

Дали Македонците конечно ќе се „ослободат“ од коронавирусот?

Дали Македонците конечно - Работник
338views

Бројот на заболени од Ковид-19 минатата недела е намален за 9,9 отсто, а се зголеми бројот на оздравените. Надлежните сметаат дека состојбата е под контрола, а здравствениот систем веќе почна со подготовките за вакцинација против Ковид-19. Први што ќе се вакцинираат се здравствените работници, вработените во војската, полицијата и хронично болните.

Вакцинирањето, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои не работат со ковид пациенти, и ова ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да се спроведе.

Во текот на следната недела ќе се организира и вежба на терен за тоа како би изгледал самиот процес на вакцинација.

Препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни, сите критични групи согласно мислењето на експертите.

Како што пренесува СМАРТ СДК Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 за 400.000 луѓе. Ковакс договорот што го има потпишано земјава предвидува вкупно 833.000 дози од вакцината против ковид-19 за 20 отсто од населението, бидејќи е потребно да се примат по две дози. Сепак, овие 833.000 дози нема да стигнат сите одеднаш, вели претседателката на Комисијата за имунизација д-р Александра Грозданова, туку со динамика и план согласно нашите капацитети, а според неа, првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тромесечие (јануари-март) од следната година.

Од друга страна, експертите од германскиот државен епидемиолошки институт „Роберт Кох“ предупредија на прекумерна еуфорија поради вакцината за коронавирус, наведувајќи дека поради различни проверки кои се неопходни, вакцинацијата може да трае повеќе од една година.

„Ќе ни треба време за попрецизна анализа на студијата за пуштање вакцини на пазарот и дури потоа ќе дадеме свое мислење, а потоа вакцината ќе биде доставена“, изјави во разговор за „Рајнише пост“ Томас Мертенс, претседател на Постојаната комисија за вакцинација на Институтот „Роберт Кох“, објави Хина

Што велат домашните експерти?

Микробиологот Никола Пановски во гостување во Студио 10 на Тв 24 кажа дека со вакво темпо на заразата во државата голема е можноста во јуни да стекнеме колективен имунитет, тој додаде дека ризичните групи треба да се вакцинираат додека тие што равиле антитела, не треба да брзаат.

„Вакцини со бројка од 33 илјади против болеста не се многу, ама ќе помогнат во февруари, таму каде се најпотребни. Здравствените работници ќе мора да издржат до февруари. Најверојатно вакцинирањето од грип е беспотребно годинава.

Спречено е ширењето на заразата, нема одење по слави, по спортски натпревари, концерти. Сите се крстиме во тој клеточен имунитет, но не сите 60.000 имаат имунитет, но речиси половина од нив не биле болни. Не значи дека ако некој бил позитивен дека не треба да се вакцинира. За антителата не е сигурно. По мене, сите што се ризични групи треба да се вакцинираат, а оние кои имаат антитела, нема потреба да брзаат.

Се надевам дека до јуни сите ќе имаме стекнат природен имунитет, а во септември мислам дека 80% ќе живееме нормално“ вели микробиологот Пановски.

Србија ќе набави вакцини од Русија

Во Србија се очекува почетокот на имунизацијата да почне за околу 14 дена со оглед на тоа што до крајот на неделата во земјата ќе пристигнат 20 дози од руската вакцина „Спутник 5“, кои ќе бидат подложени на испитување. Доколку се е во ред со руската вакцина, две недели подоцна, во Србија би пристигнале 10 илјади дози.

ЕК: Руската вакцина Спутник V нема да се дистрибуира во ЕУ

Одлуката на унгарските власти да дозволат употреба на руска вакцина против коронавирус „Спутник V“ не се однесува на територијата на ЕУ, изјави портпарол на Европската комисија.

Европската унија претпочита сите вакцини што им се нудат на европските граѓани да бидат одобрени од Европската агенција за лекови.

„Поради итност, одделни земји можат да одобрат употреба на вакцина на нивна територија и да им ја дистрибуираат на своите граѓани. Но, ние сме за максимална транспарентност на процедурите поврзани со вакцините“, рече портпаролот.

Европската комисија посочи дека државата е единствена одговорна за временски ограничена одлука во итни случаи.

Рускиот министер за индустрија Денис Мантуров на 13 ноември разговараше со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за производство на руската вакцина во Унгарија, каде што веќе почнаа подготовките на производствени капацитети.

Сијарто рече дека испораката на мали серии на руската вакцина Спутник V во земјата ќе почне во декември, а поголеми количини може да се очекуваат во јануари.

Зошто ЕУ го одби одобрувањето на вакцините „Бионтек“ и „Фајзер“?

Европската агенција за лекови го одби барањето на германската фармацевтска компанија „Бионтек“ и американскиот партнер „Фајзер“ за условно одобрување на вакцината против коронавирус.

Европската агенција за лекови ќе даде свое мислење за таа вакцина на состанокот на 29 декември, а после тоа, мислењето ќе биде проследено до земјите-членки за усвојување, пишува Фајненшл тајмс.

Ова потенцијално ја одложува дистрибуцијата на вакцини во ЕУ до почетокот на следната година. Проценката на вакцината на ривалот „Модерна“ е одложена за 12 јануари 2021 година.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан претходно објави дека вакцинацијата во таа земја може да започне пред крајот на оваа година. Сепак, по одбиеното барање, тој ги пренасочи прогнозите кон почетокот на следната година.

„Претпоставувам дека можеме да започнеме со вакцинирање најдоцна во јануари“, рекол тој.

Вакцината не би била достапна за општата популација до почетокот на летото.